Денешното рочиште и условите во кои се обвива покажува дека против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев се води инструиран процес и организирана хајка за неосновано обвинение. Присуството на луѓе со транспаренти на денот на рочиштето чиј датум и време на одржување не беше јавно објавено, говори дека сѐ поврзано со овој процес е претходно организирано и се води според нечија агенда. Организирање на луѓе со транспарентни кои повикуваат на линч, создаваат атмосфера како се да е веќе решено, е најостро рушење на правдата и одземање на правото да се докаже невиноста и вистината. Ова не е правно оружје и на ваков начин се спречува вистината.
Ако процесот против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев е непристрасен, фер и без влијание, тогаш каде е презумцијата на невиност и зошто се води организирана хајка.
Презумцијата на невиност како во секој случај но посебно во случајот со д-р Жан Митрев и Клиниката, што извршува општо-корисна функција за граѓаните и грижа за нивното здравје треба да биде сериозно и бескомпромисно почитувана.
Досега се покажа дека обвинителството целиот процес го води со намера да наштети, а не со намера да докаже вина, затоа што и самите знаат дека вина не постои.
И покрај сето тоа Клиника Жан Митрев и д-р Митрев, ја продолжуваат својата борба за правдата и за докажување невиност во овој инструиран процес и паралелно под целиот притисок продолжуваат да работат со своите пациенти, лекувањето и исполнување на својата хумана мисија.