Интернет страна што одвај се разликува од таа на Управата за јавни приходи и форма преку кој прво се бара да ги внесе вашите лични податоци, се обраќа до граѓаните со крајна целта е да добие пристап до картичките за плаќа. Со други зборови, измамници користат речиси идентичен систем како тој на УЈП со намера да украдат пари од сметките на граѓаните.
За да ја забрзаат оваа опција, веројатно свесни дека ќе бидат откриени, измамниците праќаат и СМС пораки, во кои потсетуваат дека УЈП очекува пререгистрација со споделен линк кој води кон лажната страна на УЈП ujp-gov.mk/potvrda.
Оваа лажна интернет страна УЈП ја пријавил кај надлежните органи и во моментов не е активна. Но, прашање е кој дозволил да се регистрира интернет страна, која има речиси ист идентитет како и таа на институцијата која ги има податоците на сите македонски граѓани.
-Ги информираме граѓаните и дека во Секторот за компјутерски криминал е пријавено дека е изработена лажна веб страна на Управата за јавни приходи, од каде се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на лажен линк. Апелираме до граѓаните да не ги отвораат ваквите пораки и да не ги оставаат податоците од своите банкарски сметки затоа што станува збор за измама – велат од МВР.
Во соопштение до јавноста Управата за јавни приходи упати апел до граѓаните:
„НИКАКО НЕ ОТВАРАЈТЕ ЈА ОВАА ЛАЖНА ВЕБ СТРАНИЦА, БИДЕЈЌИ ОД ВАС БАРА ДА ПОПОЛНИТЕ ПОЛИЊА СО ВАШИТЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ, ПОДАТОЦИ ОД ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА, И ДА ПРИКАЧИТЕ СЛИКА ОД ВАШАТА ЛИЧНА КАРТА. Споделувањето на Вашите лични податоци преку оваа лажна веб страница, може да предизвика нивна злоупотреба“, информира УЈП.
Како што соопштуваат, веб страница е лажна, не e во сопственост на Управата за јавни приходи. Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните, да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба.
Злоупотребено името на директорот на БЈБ
УЈП не е единствената државна институција, преку кој се мамат граѓаните. Злоупотребено е и името на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.
Министерството за внатрешни работи информира за пристигнаа пријави од граѓани за добиена електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во наводна соработка со Европол, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела.
-МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани, соопштуваат од МВР.
И Хрватите беа жртва на измама
И хрватските граѓани во текот на јануари годинава беа под удар на ваква измама со лични податоци со лажна интернет страна на Даночната служба на Хрватска, со кои се известуваат даночните обврзници дека им е одобрен поврат на данок.
Лажните мејлови пристигнуваа од различни адреси и домени, па се повикуваат даночните обврзници дополнително да ги проверуваат адресите и содржината на пораките. Во мејловите во обид да ги измамат корисниците, пишуваше: „Со задоволство ве информираме дека вашето барање за автоматско враќање на данокот за четвртиот квартал од 2022 година е одобрено. Вашата привремена апликација е (некој број) да го прегледа вашето враќање на данокот. Поштата завршува со лажен линк до Даночната служба на Хрватска.
Во сите случаи се работи за тнр. фишинг напади одосно интернет измами во форма на лажни е-пошта што изгледаат како да се испратени од легитимни организации (на пример, банка, јавна власт или веб-локација за онлајн купување) и го мамат примачот да сподели лични, финансиски или безбедносни информации. На овој начин, измамниците добиваат пристап до кориснички имиња, лозинки или информации за кредитни картички. Во таквите е-пошта, најчесто се бара да преземете прикачен документ или да кликнете на линкот (врската).
Македонското Министерство за внатрешни работи, предупредува да не отварате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.
-Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот, соопштија од МВР.