Учениците од трето одделение од основните училишта Невена Георгиевска Дуња и Кузман Јосифовски Питу и Средно економско правно училиште на град Скопје „Васил Антевски -Дрен“ од скопската општина Кисела Вода денеска го посетија ЈП Лајка, одбележувајќи го Светскиот ден на бездомните животни.
Од ЈП Лајка соопштиле дека ги запознале најмладите со нивната работа, а разговарале и за тоа дека токму кучето е најверниот човеков пријател
„Разговараме како заедно сите да се бориме да има што помалку бездомни кучиња, како сите можеме да придонесеме за иднина со нула бездомни животни. Учениците научија како да се биде одговорен сопственик, кои се придобивките од кастрација и стерилизација и зашто е поблагородно да се вдоми куче, а не да се купи“, соопштија од Лајка попладнево.
-Со овој настан од едукативен карактер, а преку дружба со кучињата од нашето прифатилиште ЈП Лајка цели да придонесе во создавањето на одговорни и хумани граѓани, одговорно и хумано општество за сите и да ја подигне свеста за вдомување наспроти купување на домашен миленик. Учениците исто така имаа можност да се запознаат со работните процеси и поттикнавме желба за волонтирање во нашето претпријатие. Во наредните денови активноста ќе продолжи и со ученици од Општина Центар и останатите скопски општини – информираа од Претпријатието.