Министерството за животна средина контра невладините организации и граѓанските иницијативи, кога е во прашање документацијата за состојбата со Охридскиот регион.
Активистите и експертите со кои разговараше ММС тврдат дека надлежните не прават доволно за да го зачуваат УНЕСКО статусот на овој регион кој е „запоседнат“ од неконтролираната урбанизација, градењето на диво, несоодветниот третман на отпадните води и бројни други фактори поради кои регионов би можел да се најде на Листата на светско наследство во опасност.
Додека граѓанскиот сектор е со забелешки за Извештајот и за Планот за рехабилитација на Охридскиот регион, кои македонските и албанските власти ги испратија до УНЕСКО во февруари, од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека не се согласуваат со ваквата констатација.
-Конкретно, Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот регион беше изработен во координација и максимална вклученост на сите засегнати страни на централно и локално ниво од каде се прибираа сите тековни податоци и информации кои беа во прилог на дефинирањето на мерките од акцискиот план – велат од ова Министерство, одговарајќи на прашањето како ги коментираат тврдењата на невладините дека испратените документи не соодветствуваат на реалната состојба.
Секоја засегната институција ќе даде фискални импликации за активностите предвидени во Стратегискиот план за рехабилитација
Сепак, од граѓанската иницијатива Охрид СОС велат дека во изготвувањето на Извештајот биле контактирани дури откако била завршена нацрт-верзијата. Според овие активисти, проблем е и што Стратегискиот план не содржи буџетски ставки, за да се знае која активност колку би чинела.
Од Животна средина меѓутоа, објаснуваат дека фискалните импликации кои се потребни за реализација на мерките ќе ги даде секој од надлежните субјекти кој е задолжен за спроведување на мерката.
„По донесување на Стратегискиот план од страна на Владата на Република Северна Македонија, Владата ќе ги задолжи сите надлежни субјекти да достават процена за фискалните импликации и за изворите на финансирање. Овие податоци ќе бидат основа и за програмирање на буџетските средства за годините во кои треба да се реализира конкректната активност“, нагласуваат од Министерството.
Според Министерството, оставен е простор секоја од институциите уште во првата година да направи анализа и да даде фискалани импликации со оглед на променливоста на фискалната единица особено со енергетската криза и промената на цените.
Од оваа институција додаваат и дека дел од мерките се тесно врзани со промените на пазарот и истите би биле некоинзистентни и нереални во периодот на реализација.
Во однос на отвореноста на процесот на носење на овие документи со кои двете држави требаше да предочат пред УНЕСКО што сè е направено за заштита на регионот, од МЖСПП потенцираат дека нацрт-верзијата од Стратегискиот план бил објавен не само на нивната, туку и на веб страницата на Министерството за култура.
„Во периодот предвиден за консултации со јавноста во врска со подготвениот Стратегиски план од страна на пошироката јавност се доставуваа забелешки до Секторот за комуникации при МЖСПП во електронска форма, како и усно за време на организираната јавна расправа. Со цел постигнување поголема транспарентност и вклученост на јавноста во процесот на донесување на одлуки во однос на Планот, на 21 ноември минатата година на онлајн платформата ЗООМ, се одржа јавна расправа по нацрт Стратегискиот план. Целта на јавната расправа беше да се презентира содржината на Планот, причината за негова изработка, методологијата, и конкретниот акциски план – велат од Министерството.
Во писмениот одговор до ММС, оттаму потенцираат дека Нацрт-планот бил претходно достапен за разгледување на јавноста 29 дена, по што била отворена дискусија за изнесување на забелешки, прашања и сугестии.
-Работната група ги разгледа забелешките и даде одговори до подносителите. Голем дел од забелешките и препораките на граѓанскиот сектор беа земени во предвид, секако кои беа во прилог на законските прописи и утврдени законски норми – додаваат од МЖСПП.
Од Министерството сметаат дека очекувањата на УНЕСКО не подразбираат стопроцентна реализација на обемниот план бидејќи како што велат, тоа вклучува многу одговорни страни и промени во правната регулатива. Доколку пак, Комитетот за светско наследство донесе Одлука за ставање на Охридскиот регион во Листата на светско наследство во опасност, според „Оперативниот водич за спроведување на конвенцијата за светско наследство“, од државата ќе се бара да спроведува корективни акции (мерки) за подобрување на состојбата со заштитеното добро, по што редовно ќе се доставува Извештај – заклучуваат од Министерството.
Охридскиот регион кој ги опфаќа Охрид, Струга и Дебарца како и еден дел од албанска страна, веќе два пати се спаси од впишување на ваквата листа. Дали неисполнувањето на препораките од УНЕСКО досега ќе нè одведе кон впишување на Листата на светско наследство во опасност, ќе се знае во септември. Токму тогаш во Ријад треба да се одржи 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и конечната одлука да биде и официјално усвоена.
Дотогаш пак, во земјава треба да пристигне меѓународен експертски тим составен од претставници на УНЕСКО, Бернската конвенција и Рамсарскиот секретаријат за да нотираат каква е состојбата на терен, односно што е преземено за таа да се подобри, а што е она кое е загрозено.
Вања Мицевска
Фото: Вангел Тануровски