Во најмалку четири угостителски објекти во Виница спротивно на правилата бил поставен видео надзор во внатрешноста на објектите, реагира жител на оваа општина, редовен посетител на овие објекти и кој случајно дознал дека таму се врши видео надзор. Вели, нема поставено ознаки дека се поставени камери, а еден од сопствениците на угостителските објекти секој викенд дури објавува и фотографии од гостите коишто биле присутни во објектот, се разбира без нива согласност.
Нашиот соговорник реагирал во Агенцијата за заштита на лични податоци, од каде му посочиле дека постапката е незаконска а му биле сугерирано и на кој начин може да поднесе претставка со цел оваа појава да се санкционира.
Тој не поднел претставка, како што вели, живее во мало место и веднаш ќе се открие кој го направил тоа, но смета дека би требало повторно јавно да се зборува околу правилата и правата на граѓаните кои што се прекршуваат преку незаконското вршење видео надзор.
ММС се обрати со Агенцијата за заштита на личните податоци од каде велат дека во текот на изминатата година има доставено три пријави од граѓаните во врска со вршење на видео надзор во угостителски објекти. Во однос на тие пријави спроведени се три вонредни супервизии, при кои се утврдени повреди и Агенцијата има дадено рокови во кои сопственикот на системот за вршење на видео надзор мора да преземе мерки и да ги отстрани повредите.
„Доколку некој смета дека се врши обработка на неговите лични податоци спротивно на прописите за заштита на личните податоци, преку системот за видео надзор или е сторена повреда на нивното право на заштита на личните податоци на социјалните мрежи, може електронски да поднесе Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци до Агенцијата, кое може да се најде на нашата веб страница www.azlp.mk.Според Законот за заштита на личните податоци, секое физичко лице има право на ефективна судска заштита кога смета дека се повредени неговите права утврдени со овој закон, како резултат на обработката на неговите лични податоци спротивно од овој закон. Физичкото лице ова право го остварува со поднесување на тужба до надлежниот суд согласно со закон, “велат од Агенцијата.
Сепак факт е дека видео надзорот е во постојан пораст и тоа во разни подрачја. За разлика од порано кога само продавачите на големо или банките користеа видео камери, сега се поставуваат приватни камери и пред и во рестораните, по куќите , пред зградите , во зградите и имаат поголем опсег на снимање во однос на потребата.
Законот го дозволува видео надзорот, но мора да се почитуваат правилата
Според членот 90 од Законот за заштита на лични податоци, контролорот може да врши видео надзор ако тоа е потребно за: заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории само за безбедносни цели. Пред започнување на процесот за воспоставување на систем за вршење на видео надзор контролорот е должен да изработи анализа на целта за која се поставува видео надзорот и анализата ги содржи причините за поставување на видео надзорот во согласност со одредбите од Законот за заштита на личните податоци. Контролорот, исто така, може да врши видео надзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен. Потоа тој е должен да изготви акт за начинот на вршење на видео надзор кој ја содржи целта на обработката на личните податоци, кои се овластените лица кои имаат пристап и увид до личните податоци обработени преку системот за вршење на видео надзор, роковите за чување на снимките од видео надзорот и други организациски мерки.
Контролорот има законска обврска да ги извести физичките лица дека просторот се снима, преку истакнување на известување кое мора да биде јасно, поставено на видливо место и истакнато на начин што им овозможува на сите субјекти на лични податоци да се запознаат со вршењето на видео надзорот. Контролорот исто така донесува и објавува Изјава за приватност која претставува составен дел на актот за начинот на вршење на видео надзор.
„ Пристап и увид до личните податоци обработени преку системот за вршење на видео надзор имаат само овластени лица од страна на контролорот. Контролорот со цел да ги заштити личните податоци кои ги собира, обработува и чува, мора да преземе соодветни технички и организациски мерки и да го уреди начинот на вршење на видео надзорот со посебен акт за да спречи евентуален неавторизиран пристап до податоците. Тоа значи дека само овластеното лице има право да врши мониторинг во реално време и во случај на инцидент да го прегледува снимениот материјал. Зачуваните податоци мора да се чуваат заклучени и пристап до истите има само овластеното лице,“ додаваат од Агенцијата.
За вршење на видео надзор спротивно на одредбите од Законот за заштита на личните податоци , предвидени се глоби од 1.000 до 10.000 евра за прекршок на правното лице-контролор, глоба од 100 до 500 евра за одговорното лице во правното лице, исто толку и за службеното лице во органите на државната власт, како и глоба од 100 до 250 евра за прекршок за физичко лице-контролор или обработувач.
Секогаш кога се поставува видео надзорот треба да се почитува правото на приватност на вработените, клиентите, учениците, студентите, пациентите, купувачите и останатите категории на субјекти на лични податоци
Продавачот не смее да ги користи фотографиите за маркетиншки цели или за некоја друга незаконита цел. Снимките не смеат да се даваат на користење на други освен ако е тоа потребно во евентуална доказна постапка. На пример, продавачот не смее да ги дава на користење или да ги продава фотографиите на друго лице.
Снимките согласно Законот за заштита на личните податоци се чуваат најмногу 30 дена (освен ако со друг законот не е предвиден подолг рок), а по истекот на овој рок истите мора да се избришат. Доколку е сторена штета и истата може да се утврди на снимките, тој дел од снимениот материјал може да се чува до завршување на постапката. Доколку на снимениот материјал ништо особено не се случува истите треба да се избришат.
По исклучок, снимките направени од видео надзорот може да се дадат на користење на Министерството за внатрешни работи единствено со судски налог.
Мора да се напомене дека е Забрането е вршење на видео надзор во гардероби, соблекувални, тоалети, лифтови и други слични простории.
Видео надзор на работното место
Следењето на работниците на работите места преку видео камери предизвикува негативно чувство (губење на концентрација) и непријатна работна атмосфера. Новата технологија, може да влијае на здравјето и физичката состојба на работниците и на работната способност. Видео надзорот на работното место може да се инсталира, само ако е потребно за заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот или здравјето на вработените поради природата на работата или поради обезбедување на контрола над влегувањето или излегувањето од службените или деловни простории.
Вработениот треба да биде информиран доколку е под видео надзор. Вработените не треба да се под постојан видео надзор. Работодавецот треба да ја почитува приватноста на сите вработени додека се на работното место, односно работодавецот мора да го почитува начелото на пропорционалност во однос на целта заради која се поставува видео надзорот.
Видео надзор во станбени згради
За вршење на видео надзор во станбените згради потребно е да се добие согласност од сите сопственици во станбената зграда. Воедно при вршење на овој вид на надзор забрането е снимање на влезови на индивидуални станови и на други сопственици, што значи дека е дозволено да се снимаа заедничкиот влез на зградата и останатите заеднички делови од станбената зграда без притоа да не се навлегува и нарушува приватноста на индивидуалните делови (станови).
Видео снимките од надзорот на станбените згради забрането е да се пренесуваат преку кабелска телевизија (јавна или интерна мрежа), преку интернет или други електронски средства за пренос на податоци, предвидува законот.
В.Крстева