Скопскиот Апелациски суд ја укина пресудата за организаторите на настаните од Собранието од 27 април, во кој неправосилно осудени се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Тие беа осудени за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Апелацискиот суд ја укина пресудата и го врати предметот на повторно разгледување.
Судот меѓу другото, се повикува на Законот за амнестија, со кој, поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов, функционерите на ВМРО ДПМНЕ ги ослободи од одговорност. Со Законот за амнестија се ослободија од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.
„При разгледување на првостепената пресуда, оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик.
Ова, од причина што првостепениот суд врз основа на расположливиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“, пишува во одлуката.
Понатаму во одлуката се констатира дека првостепениот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик.
-Ова, од причини што при постпувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија (Сл.весник на РМ бр.233/2018) кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор, соопшти Апелацискиот суд од Скопје.