Во Министерството за транспорт и врски се отворија барањата за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии од двата аеродроми, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. На јавниот повик кој што траеше од 1 март 2023 година до 31 март 2023 година документација доставија две авиокомпании: „Виз Ер“ и „Луфтханза“.
-Комисијата составена од членови од неколку државни институции во следниот период ќе изврши евалуација на доставените понуди, согласно утврдените крутериуми во јавниот повик – соопшти Министерството.
Јавниот повик за субвенционирање на нови авиолинии беше распишан во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска унија.
-Финансиската поддршка има за цел поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија, заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање на поконкурентни и подостапни цени на билетите што директно подразбира нови дестинации за граѓаните на Северна Македонија, наведува Министерството за транспорт и врски.