Повеќе од две години жителите на Делчево немаат можност да користат меѓуградски автобуски превоз. Најпогодени се најсиромашните, кои за лекување или за да завршат административна работа во центрите како Штип или Скопје, се принудени да патуваат со такси.
Само за едно патување, овие луѓе трошат половина, па и цела месечна социјална помош. Пограничното Делчево, кое се наоѓа на само 11 километри од европската граница, засега е без решение за барањата на најпогодените граѓани, кои трпат штета од еден административен лавиринт.
Пред два месеца, кога ја скршила раката, 61-годишната Рамиза Усеинова од Делчево не можела да ниту да претпостави со какви проблеми ќе се соочи. Докторот, на лекување ја испратил во Клиничката болница во Штип.
Патувањето за да ѝ ставаат гипс на раката, Рамиза ја чини 2500 денари, или речиси половина од нејзините месечни примања. Таа од државата добива 5400 денари, како гарантирана минимална помош и надоместок за енергетска сиромаштија. На Рамиза ѝ претстојат уште две контроли во Штип. Не знае како ќе успее да се снајде со пари:
“Немам со што да отидам на контрола. Да имаше автобус, ќе беше полесно. Целата социјална помош ќе треба да му ја дадам на таксистот – и тоа, сум отишла само еднаш. Јас сум болна, имам четири болести и имам постојана потреба од лекар. Ќе беше многу подобро, како порано, да може да користиме автобус“, се пожали Рамиза.
Здравјето на граѓаните како Рамиза зависи од нерегистрираните таксисти, кои ги возат овие релации. Веќе две години нема редовна автобуска линија на релација Делчево – Кочани – Штип – Скопје и обратно. Најтешко им е на болните од карцином, кои заедно со уште тројца други сопатници секојдневно треба да патуваат за Скопје на зрачење. Ако сакаат да патуваат сами во возилото, тогаш треба да издвојат 4500 денари само за едно патување. Кога би имало автобуски превоз, велат, тогаш би платиле околу 600 денари во еден правец.
„Таксито го плаќаме прескапо, 4500 денари. Да ги имам тие пари, нема проблем. Автобус задолжително да пуштат, потреба имаме, не само јас, туку многу други. Тоа ни е најважната помош. Друго ништо не ни треба. Сосем се запусти источниот дел“, вели Невзат, кој поради здравствени потреби често патува за Скопје.
Парадокс: Делчево нема автобус за Скопје, но има редовни автобуски линии за Италија, Швајцарија и Германија
Некогашната автобуската станица на Транспортното претпријатие ,,Полет“ од Делчево, сега е вистинска грдост во центарот на градот. Таа служи пред сѐ за паркирање автобуси и комбиња кои одат за Италија, Швајцарија или за Германија.
Тие тргнуваат од Делчево и со нив најчесто заминуваат сезонските работници од цела Источна Македонија. Тоа се луѓе кои работат два-три месеци во странство по што се враќаат дома со заработените пари со кои ги покриваат наталожените кредити или долгови.
Последниот обид да профункционира домашниот автобуски превоз беше на Транспортното претпријатие „Берово Транс“ кое воспостави неколку редовни линии. Меѓутоа, главниот удар на функционалноста на автобускиот превоз му го зададоа дивите таксисти, кои им ги земаа патниците на автобусите и линиите станаа нерентабилни. Со пандемијата на КОВИД 19, линиите беа укинати.
Две години подоцна, граѓаните ја изгубија вербата дека еден ден, повторно ќе има редовен автобус, со кој барем еднаш дневно ќе може да патуваат за Скопје и да се враќаат по 17 часот.
Штетата од отсуството на овој основен транспортен сервис ја трпат сите граѓани на Делчево, но најпогодени се, се разбира, постарите и хронично болните лица. Тука се и оние кои аплицираат или обновуваат лични документи, граѓани кои одат пред комисиите за попреченост, лица кои мора да сигнат на време за преглед за конзилијарните мислења.
Ако на тоа додадеме и корисниците на гарантирана минимална помош, кои често се и лица со попреченост или родители со деца со попреченост, кои треба да ги носат на лекување или на контрола во Скопје, тогаш проблемите се трипати поголеми од вообичаените.
Центарот за социјални работи во Делчево има регистрирано околу 150 семејства корисници на Гарантирана минимална помош. Околу 460 луѓе се корисници на туѓа нега и 40 деца со одредена попреченост, се корисници на посебен детски додаток. Многу од овие граѓани за разни потреби се принудени да патуваат до Штип или Скопје, за што единствена алтернатива им се дивите таксисти.
Граѓаните со кои разговаравме го истакнуваат проблемот што делчевските таксисти од Скопје си заминуваат најдоцна во 13 часот и 30 минути, па многу често, доколку лекарскиот преглед е закажан за подоцна, мора да се закажете возило. Тоа значи издвојување на 4500 денари, само за едно одење. Возилото на Итната помош од Делчево е исто така алтернатива, но во исклучителни ситуации
„Возилото на Итна Помош се користи за пренос на пациент само кога се работи за животно – загрозувачка состојба на некој пациент. Во спротивно се наплаќа партиципација по километар, а доколку е по барање на пациент, цената може да достигне и до 7.000 денари, ни изјави д-р Гоце Стоименовски, од Здравствениот дом – Делчево.
Кој треба да го организира меѓуградскиот автобуски превоз?
Дозволи за вршење на меѓу-општински линиски превоз на патници ги издава Министерството за транспорт и врски. Во евиденцијата на издадени дозволи скопската компанија ИНТЕР ТОУРС ДООЕЛ од Скопје сѐ уште поседува дозволи за вршење на меѓу-општински линиски превоз на патници на релација Делчево – Скопје и обратно.
Иако линијата не функционира веќе две години, никој до сега не поднел предлог за одземање на дозволата за оваа релација, а со тоа да се објави нов повик за нов превозник.
„Согласно Член 32 од Законот за превоз во патниот сообраќај ако превозникот од неоправдани причини не го врши меѓу-општинскиот линиски превоз на патници на определена линија, на предлог на државен инспектор за патен сообраќај, Министерството за транспорт и врски ќе донесе решение за одземање на дозволата“, одговори прес службата на Министерството.
Административно, дури по одземањето на дозволата на скопската компанија, може да се покрене нова постапка за доделување на дозволата на превозник, кој пак ќе се соочи со нов проблем. За да се добие дозволата за автобуски превоз, превозникот треба да има лиценцирана и категоризирана автобуска станица.
Здравјето на граѓаните како Рамиза зависи од нерегистрираните таксисти, кои ги возат овие релации. Веќе две години нема редовна автобуска линија на релација Делчево – Кочани – Штип – Скопје и обратно. Најтешко им е на болните од карцином, кои заедно со уште тројца други сопатници секојдневно треба да патуваат за Скопје на зрачење. Ако сакаат да патуваат сами во возилото, тогаш треба да издвојат 4500 денари само за едно патување. Кога би имало автобуски превоз, велат, тогаш би платиле околу 600 денари во еден правец.
„Врз основа на евиденцијата на категоризирани автобуски станици која ја поседуваме можеме да констатираме дека во Општина Делчево нема категоризирана автобуска станица. Истовремено, Ве информираме дека категоризација на автобуска станица се прави врз основа на поднесено барање на правното лице кое управува со автобуската станица“, велат од прес службата.
Меѓуградската автобуска станица е сопственост на кочанската превозна компанија „Авто Атом“. Како што објаснува општинскиот сообраќаен инспектор, Зоран Кускински, лиценцата на автобуската станица е истечена, а за да се обнови, треба да има сериозни инвестиции во запуштената инфраструктура.
„Со тоа, обновата на автобуската станица е едноставно економски неисплатлива. Ние се грижиме за општинскиот превоз, превозниците да имаат лиценци и возила кои задоволуваат стандарди“, изјави Кускински.
За оваа меѓу-градска линија интерес пројавил авто-превозникот „Рома Транс“ од Делчево. Но, како што објасни управителот на оваа компанија, Круме Ромовски, во документацијата треба да приложи и документ за користење на автобуска станица со лиценца.
„И тука е главниот проблем. Автобуската станица во Делчево беше купена пред 6 години од приватен инвеститор, на кого поради долг преку извршител му е дадена на компанијата „Авто Атом“ од Кочани. Во меѓувреме, лиценцата на автобуската станица е истечена. Покрај тоа, станицата е во очајна состојба и не постои никаква надеж истата да профункционира“, вели Ромовски.
Меѓутоа и покрај овие проблеми, Ромовски не се откажува од идејата повторно да аплицира.
„Затоа и сум во комуникација со локалните власти за да може да ми се одреди место согласно урбанистичкиот план за да се изгради нова автобуска станица. Втората можност е да се изврши најавената законска измена, да не мора да постои лиценцирана автобуска станица и тоа ќе биде најдоброто решение. Очекувам позитивна разрешница и поддршка од граѓанскиот сектор и од медиумите во релација на оваа идеја од корист на сите“, изјави Ромовски.
Превозникот не вози, но дозволата ја има
Во моментот Министерството за транспорт и врски, како што нѐ информира, се работи на текст на нов Закон за превоз во патниот сообраќај во кој се предлага решение со кое ќе се овозможи да се аплицира на релации каде што попатна или крајна станица нема да биде условено со место каде што има категоризирана автобуска станица.
Но, тоа само делумно ќе го реши проблемот, бидејќи и покрај тоа што има заинтересиран превозник, дозволата за линијата Скопје – Делчево е активна и ја има превозник кој не вози на линијата – не три месеци, како што пропишува законот, туку цели две годни.
Скопската компанија останува превозник на оваа линија сѐ додека државен сообраќаен инспектор, како тој со седиште во соседно Берово, не побара одземање на дозволата.
Нашите соговорници истакнуваат уште една идеја, која може да биде решение на проблемот што ги засега сите граѓани. Велат, општините од регионот, кои немаат автобуски превоз, да се договорат со идниот концесионер да го субвенционираат превозот на патници доколку во одредени периоди превозното претпријатието нема доволно средства за да ги покрива трошоците за одржување на линиите.
Сѐ што ќе овозможи решавање на проблемот со превозот е прифатливо за граѓаните на Делчево – но ова нивно основно барање, и по две години останува незадоволено.
извор: Локалактив