Вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм и на седмиот ден од протестот кој денеска се одржа пред Владата, ги повторија своите барања за зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии, но и за средба со надлежните.
Според претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски, непристојно е што во овие денови, ниту еден претставник на институциите на системот не најде време да ги прими и да ги сослуша нивните барања.
-Веќе е трета недела од протестот, каде ние како вработени го изразуваме незадоволството поради нашите потпросечни месечни примања. Со својот несоодветен однос, Владата ја потврди поделбата во јавниот сектор на државни органи кои се важни за неа и министерства кои треба тивко да си ја работат работата и да чекаат подобри времиња и изнаоѓање на системско решение. Ова се разбира не се однесува на функционерите, тие немаат време за чекање, криза е, платите мора да се покачат, тие тоа го заслужуваат, изјави Костовски за време на протестот.
Тој посочи дека со покачувањето на платите на функционерите и на платите на вработените во важни државни органи и во Собранието, се врши повреда на членот 32 од Уставот, каде е утврдено правото на соодветна заработувачка на секој вработен.
-Со други зборови, вработените од секторот култура, но и од сите останати сектори се ставаат во нерамноправна положба – рече тој.
-Сакаме да ѝ порачаме на Владата дека културата секогаш била коректор на општествените процеси и дека нејзиното влијание не треба да се потценува. Можеби за Владата бројката од 200 вработени е неважна, но за потсетување, токму малите нешта имаат голема смисла и тие обликуваат целокупниот општествен контекст, додаде Костовски.
На протестот денеска поддршка дадоа и нивните колеги од Синдикатот на културните работници и СОНК. Учесниците на протестот очекуваат да се придружат и колегите од другите министерства и да дадат поддршка.
МИА