Меѓу инцидентите на вчерашните парламентарни избори во Бугарија е регистрирана пријавата од гласачка во Скопје, на која ѝ била дупната гумата на автомобилот. Се работи за бугарска државјанка, која неколку дена престојувала во Скопје, по што одлучила да гласа во Амбасадата на Бугарија.
-Бевме во Скопје неколку дена, и утрото гласавме во бугарската амбасада. По гласањето, кога требаше да тргнеме кон Бугарија, видовме дека гумата на автомобилот е пресечена. Според мене, тоа е провокација бидејќи се знае дека имаме избори во Бугарија, а некои сили сакаат да поттикнуваат тензии меѓу Бугарија и Северна Македонија. Мислам дека затоа се случило, е изјавата на гласачката за бугарската бТВ.
Таа изјавила дека нема друга причина, освен создавањето тензии.
Иако претходно беа пријавени 169 гласачи на избирачките места во Македонија на вчерашните бугарски парламентарни избори гласале 453 лица.
Според бугарските медиуми, кои го цитираат извештајот на бугарското МНР, најголем одзив имало во Скопје, во бугарската амбасада, каде правото на глас го оствариле 186 лица. Во Охрид гласале 65, а во Битола 55 гласачи.
Бугарската централна изборна комисија објави дека на изборите можат да гласаат и оние кои не се пријавиле, но и оние кои имаат времени патни исправи.
Сепак, медиумите нагласуваат дека поради заладените односи меѓу Бугарија и Македонија, „многу Бугари не се осмелиле да отидат до гласачките кутии“.