Десничарската конзервативна партија на поранешниот премиер Бојко Борисов има многу мала предност пред либералната листа, предводена од поранешниот лидер на центристите Кирил Петков, пишува францускиот весник „Монд“, по вчерашните парламентарни избори во Бугарија. Партијата на Борисов има мала предност пред либералната коалиција. Според Централната изборна комисија во Софија 2% предност има коалицијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, ГЕРБ-СДС, пред коалицијата Промената продолжува (ПП)-Демократска Бугарија (ДБ). Коалицијата ГЕРБ-СДС, по пребројани 81% од гласовите, има освоено 26,7%, а либерално-конзервативниот блок ПП-ДБ – 24,7% гласови.
Стравувањата од континуирана политичка нестабилност во балканската земја со 6,5 милиони жители се реални и по петтите последователни избори. Скапата политичка криза е без преседан од крајот на комунизмот во 1990 година. Од падот на Бојко Борисов по една деценија на власт, различните партии не успеаја да формираат трајна коалиција. Овој ќорсокак се влошува со конфликтот во Украина во општество кое е историски и културно блиску до Москва и е растргнато поради прашањето како да му се помогне на Киев.
Младата проруска ултранационалистичка група Воскресение го искористи овој геополитички контекст за да продолжи со својот подем: освои 13-14% од гласовите во споредба со 10% на претходните избори. Воскресение е против сите испораки на оружје за Киев и отворено ја брани идеологијата на Кремљ, истото го прават и социјалистите од БСП – наследници на поранешната комунистичка партија што некогаш владееше со земјата, кои собираат околу 9-10 отсто, забележува француското издание.
За пробивот на проруските сили во бугарската политика пишува и „Фајненшл тајмс“, кој ја опиша партијата Воскресение како „проруска партија која води кампања против пристапувањето на Бугарија во еврозоната“. На парламентарните избори таа „се обидува да го размрда“ политичкото статус кво, како одраз на „растечката разочараност на гласачите од корупциските скандали и политичките препукувања во Софија“. „Воскресение најде одговор меѓу бугарските гласачи откако зазеде екстремно десничарски став, редовно ја реемитува пропагандата на Кремљ и ја доведува во прашање поддршката на владата за Украина во нејзината одбрана од руската агресија“, се додава во публикацијата.
Тврдењата на руската пропаганда, како на пример дека помошта за Украина ја води земјата во отворен конфликт со Москва, преовладува во текот на целата кампања на Воскресение, пишува весникот.
Партијата предводена од Костадин Костадинов, харизматичен академик чиј „популарен прекар е Копејкин, име што се однесува на руската ситна паричка“.
Костадинов, кој пред изборите изјави дека рускиот претседател Владимир Путин треба да биде пофален, а не суден, тврди ден по изборите изјави дека неговата парија станува трета политичка сила во Бугарија и без неа нема формирање на влада.
-Сакам да потсетам дека во претходниот состав на Народното собрание, во голема мера, формирањето влада зависеше од Воскресение. Да решивме, како и другите политички партии, да ги изневериме нашите гласачи и да направиме компромис за да дојдеме на власт, сега немаше да се случат овие избори. Нема начин да се има функционална влада без Воскресение. Ако овие две политички сили, кои се на прво и на второ место, решат да формираат влада, тоа нема да биде поради нивната волја, туку поради волјата на американскиот амбасадор, рече Костадинов изутрината во ТВ интервју.
Костадин Костадинов истакна дека во моментов има две опции – или влада на амбасадата на САД или влада на Воскресение. Според него, трета опција нема.