Начинот на кој што се бориме за зачувување на природното и културното наследство во Охридскиот регион е идентично и кога беа на власт ВМРО-ДПМНЕ и сега кога се СДСМ. Искуството не покажало дека има некаква разлика. Во однос на фактот што актуелната Министерка доаѓа од самото Министерство за животна средина ни влева можеби некаква надеж, вели во интервјуто во рамките на емисијата Стадион, Искра Стојковска од Фронт 21/42.
Ако треба да се издвои некој приоритет, додава, тоа би било доследно спроведување на законите.
„Како се спроведуваат тие закони во пракса, тука мислам дека оценките се најниски. Кога институциите ќе почнат да си ги спроведуваат своите обврски ќе почнат да се менуваат работите и на терен,“ вели Стојковска.
УНЕСКО по којзнае кој пат се надвиснува над Охридското езеро. Во септември може да биде ставено на листата на наследство во опасност.
„Охридското езеро е едно од двете древни езера на Европскиот континент. Има дваесетина на целата планета, Европа има само две Охридското и Преспанското езеро со проценета вредност од 2-4 милиони години. Има убедливо највисок индекс на биодиверзитет од сите езера во Светот. Тоа значи најголемо богатство на живот со над 1200 видови од кои 200 се ендемични. Се смета за музеј на живи фосили бидејќи во него се уште живеат видови кои на остатокот на планетата исчезнале. Прогласено е за меѓународно значајно подрачје на птици. Галичица исто така е прогласена за примарна област за заштита на пеперутки, има над 1600 видови. Во септември УНЕСКО ќе одлучува за ставање на овој регион на листата на наследство во опасност. Тоа што за нас е поразително е што ова милионски години старо подрачје односно вредност којашто откако постои човештвото , до денес , секоја генерација го предавала на своите потомци, ќе бидеме последната генерација, односно прва генерација којашто нема да го предаде оваа врвно светско наследство на своите потомци,“ додава Стојковска.
Според презентациите на УНЕСКО, уништувањето на вредностите, посебно зема замав во 1992 година, сите претходно се грижеле. Само независна Македонија престанува да се грижи за своето највредно природно и културно богатство. Особено уништувањето зема замав од 2012 година и тоа не престанува до ден денешен, образложува Стојковска во интервјуто во рамките емисијата Стадион на Канал 77.
Проследете го целото интервју во продолжение.