Општина Свети Николе и официјално остана без ингеренции во процесот на формирањето на Регионалната депонија во близина на селото Мечкуевци. Градоначалникот известувањето го добил во текот на вчерашниот ден, а одлуката ја потврди министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова при денешното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
„Долго време комунициравме и со општината и со градоначалникот. Процесот застана затоа што немаше никаков удел на општината во формирањето на регионалното тело коешто ќе управува со овој систем. Сега Министерството ќе ги преземе ингеренциите на Општина Свети Николе за да може процесот да продолжи. Тука станува збор за сериозни финансиски средства коишто ги добивме како грант од ЕУ,“ кажа Шукова
Според неа, за финализирање на целиот проект ќе бидат потрошени од 50-60 милиони евра и дека дел од средствата веќе се потрошени.
„Набавена е опрема за сите општини од двата региони-Источниот и Сверо-Источниот коишто ќе носат отпад во оваа депонија. Добија камиони, канти и контејнери. Тука има две компоненти, едната ќе биде затварање на старите општински депонии кога ќе почне да се гради централната депонија. Постои начин како тоа ќе се прави. Неколку општини ќе опслужуваат една општинска депонија додека нивните се затвараат. Направена е динамика како тоа ќе се прави во следните неколку години“, додава министерката.
Вели дека морале да пристапат кон одземање на надлежностите за да може овој процес да продолжи.
„Ако не го реализиравме овој процес ние ќе мораме да ги вратиме парите на ЕУ. Се што веќе е потрошено да се врати, а тоа ќе го плаќаа граѓаните,“ образложи Шукова.
Според неа, блокирањето го прави една мала група на луѓе којашто живее во близина на депонијата, не на 100 или 200 метри, туку има пристојно растојание согласно физибилити студијата и согласно критериумите е избрана таа локација. Анализите, додава, се правени согласно законот, од страна на експертите. Министерството не е тоа што ја избира локацијата.
Шукова информираше дека наплатата за отпад според квадратурата треба да се промени согласно новиот закон за управување со отпад.
„Предвидена е нова методологија за утврдување на цената, според произведено количество ѓубре а не по м2. Така ќе ги натераме граѓаните да произведуваат помалку ѓубре. Има начин како тоа да се направи. Се мери врз основа на канта (знаеме од прилика колку отпад може да собере една канта). Различни се системите ама на крајот добиваме целосна слика колку едно домаќинство произвело ѓубре и така ќе ги натераме граѓаните да го селектираат она што не мора да оди на депонија, за да им се намали количината на отпад за којшто ќе мора да плаќаат,“ образложи Министерката.
Што се однесува до рудниците, дефинитивно нема отворање .
„Државата последните години ангажира сериозни адвокатски куќи коишто на многу добар начин ја водат арбитражата во корист на државата. До пред 5-6 години на такви арбитражни процеси губевме многу пари и плаќавме многу оштета, последниве години не е така“, кажа Шукова при денешното издание на емисијата Стадион.
Таа зборуваше и за други актуелни прашања поврзани со животната средина, а одговараше и на прашања на слушателите. Во продолжение проследете го целото издание на емисијата.