ММС, 17.09.2018
Се формираат првите бригадирски здруженија, чија цел е и враќање на доброволното младинско работно ангажирање во нова, соодветна форма, а на стариот бригадирски живот во саботата се присетија повеќе од 200 бригадири од СМРА „Плачковица“, кои пред четири децении, заедно со уште речиси 3.000 акцијаши од СФРЈ, го изградија патот Штип – Плачковица, долг четириестина километри
Пишува: Љупчо Шатевски
Четириесет километри пат од Штип до планината Плачковица изградија речиси 3.000 бригадири организирани во шеесетина доброволни младински работни бригади на младинската работна акција „Плачковица“ во летните месеци на 1975, 1976, 1977 и 1978 година. Првата година акцијата беше републичка и на неа учествуваа само акцијаши од Македонија, а следните три стана сојузна, па работеа бригади од цела Југославија.
Некогаш младите акцијаши денес се пензионери
Во саботата околу 250 некогашни млади акцијаши, а денес сите во или пред пензија, ја одбележаа 40-годишнината од завршувањето на акцијата, а и уште еднаш ги разгледаа иницијативите за реактивирање на доброволното младинско работно ангажирање, се разбира сега приспособено на новото време. Дојдоа некогашните акцијаши од Штип, Скопје, Битола, Куманово, Кочани, Охрид, Велес, Крива Паланка, Дебарца…, некои со нив доведоа и младинци и младинки заинтересирани за акцијаштво.
– Горд сум што 33 месеци од животот свовоевремено поминав на работни акции, почнувајќи од „Шамац-Сараево“. Сакаме да го вратиме доброволното младинско работно ангажирање, се разбира во нова, соодветна форма. Во таа насока, годинава во Македонија одбележвме и неколку јубилеи од некогашните сојузни младински акции, на кои се собраа многу некогашни акцијаши и од Македонија, а дојдоа и бригадири од повеќе краишта на СФРЈ. Така, одбележавме 40 години од акцијата „Братство-единство“ за делницата од автопатот Куманово – Велес, 55 години од акцијашкото ангажирање на расчистувањето на разурнатотото Скопје во земјотресот од 1963, 70 години од акцијата „Маврово“ и сега – 40 години од завршувањето на акцијата „Плачковица“ – истакнува естрадниот уметник Војче Китановски, од раководството на Сојузот на акцијаши на Македонија.
Во повеќе македонски градови почнуваат да се формираат здруженија на акцијаши, меѓу нив е и Штип.
– Сакаме пак да го заживееме акцијаштвото. Ги подготвивме сите потребни акти и документи, па за месец-два здружението ќе го регистрираме. Целите ги имаме зацртано уште пред две-три години. Тоа главно би биле еколошки акции за пошумување, разубавување на градот и слично, а имаме и некои заеднички замисли со локалната самоуправа – вели Никола Зенделов од организацискиот одбор за одбележување на 40-годишината од завршувањето на СМРА „Плачковица“.
Акцијашите во саботата прво го посетија Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип, потоа и населбата на акцијата во училиштето во селото Карбинци, во која беа сместени бригадирите од 1976 до 1978 година кога акцијата беше сојузна, а во 1975 бригадите биле сместени во стари бунгалови кај врвот Туртел на 1.600 метри надморска височина, кои прво акцијаште ги реновирале и адаптирале. На крајот, одбележувањето заврши со заеднички ручек и со многу бригадирски песни во некогашното детско одморалиште на Плачковица, сега конгресен центар на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде што завршува патот што го изградија бригадирите од 1975 до 1978 година.
– Поминавме незаборавни денови. Тешко беше да се организира така обемна акција, но најтешко беше кога смената ќе завршеше, па на разделба речиси сите плачеа, а многумина бараа, па и остануваа уште месец или два на акцијата. Никнаа многу пријателства, се склопија и многу бракови во кои брачните другари беа од различни републики. Се сеќавам, цела населба заминавме на таква свадба во Тетово. Ова е радостен ден за сите – повторно се видуваме по долго време, ги посетуваме местата каде што некогаш работевме и поминавме убави денови од животот, го посетивме и Мултимедијалниот центар посветен на Киро Глигоров, кој своевремено многу често не’ посетуваше на Плачковица – се присетува Кирил Георгиев од Кочани, некогаш член на Штабот на акцијата „Плачковица“.
Учествувал на 30 акции, добил 25 ударнички значки
Некои од бригадирите на своите палта или маици ги имаа закачено значките од акциите на кои учествувале.
– На левата страна, како што гледате, ми се 30 значки од исто толку акции на кои учествував низ цела СФРЈ, а на левата ми се 25. ударнички значки што ги освоив на тие акции. Се надевам дека работни акции во друга форма наскоро пак ќе имаме. Сметам дека тие може да бидат добра подготовка на младите за идниот живот – вели битолчанецот Кире Марковски.
„Патот на младоста“, како што му остана името на патот што го изградија бригадирите, сега е единствената врска со планинските села на Плачковица, населени главно со Турци-Јуруци, по неговата изградба покрај него никна и викенд-населба на Плачковица, се изгради и детското одморалиште… Иако надвор од програмата и по малку тајно, дополнително бригадири од Штип, Земун (Србија) и од Ново Место (Словенија), доброволно направиле пат и до спортскиот аеродром кај Штип.
– Не беше лесно да се организира така обемна акција. Не знаевме што е ден, а што ноќ за се’ добро да функционира. Таа година, како и во останатите три, имавме три смени со по пет бригади од сите краишта на Југославија. Ни’ останаа многу пријателства што траат и денес – истакнува Никола Кангалов, командант на СМРА „Плачковица 1978“.
ДОПАТУВА ОД ХАЏИЌИ, БИХ, ЗА ДА СЕ ВИДИ СО КОЛЕГИТЕ ОД АКЦИЈАТА
Вејсел Хоџиќ од Хаџиќи, Босна и Херцеговина, допатува од најдалеку за да се види со колегите-бригадири од СМРА „Плачковица“. На доброволни младински работни акции учествувал од 1962 до 1989 година, а на „Плачковица“ бил во 1976 и во 1977 година како трасер на бригадата „Слободан Принцип-Сељо“ од Хаџиќи. Истакнува дека не било лесно да стигне до Штип, зашто морал да патува дури со четири автобуси, првин од Хаџиќи до Сараево, па од Сараево до Белград, потоа од Белград до Скопје, па од Скопје до Штип, но сето тоа вредело кога, како што вели, ќе се видиш со вистински пријатели со кои не си се видувал со децении.
– Случајно разбрав за овој собир, за 40-годишнината од завршувањето на „Плачковица“, и тоа дури преку мој пријател во Шведска. Не жалам што поминав толку долг пат. Одлично сум примен, се видов со мои скапоцени пријатели од акцијата. Во Штип сум првпат по четири децении. Многу работи се промениле. Ја нема веќе ни Југославија. Ја растурија политичарите. Слушам дека во Македонија пак ќе се заживува акцијаштвото. И во Босна и Херцговина има формирано Здружение на бригадири со слични планови, па ќе видиме што ќе изезе од тоа – вели Хоџиќ.