Штиците на сцената се толку стари што претставуваат опасност за актерите, стари се и седиштата за публиката, озвучувањето, објектот во кој и денес се играат претстави е изграден во 1947 година и оттогаш само еднаш, многу одамна, бил реконструиран, па кумановци со право бараат нов или барем соодветна реконструкција на сегашниот театар
Пишува: Никола Ивановски
Kога ќе се спомене театарската уметност, неизбежна е реченицата „Штици што живот значат“, а во кумановскиот театар овие штици буквално можат да значат живот. Толку се стари што претставуваат и опасност за актерите кои играат на нив.
Националната установа „Театар Куманово“ се наоѓа под надлежност на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, кој, пак, е под закрила на Министерството за култура. Објектот во кој и денес се играат претстави е изграден во далечната 1947 година, а од тогаш реконструкција оваа установа видела само еднаш. Се’ останато се крпеници кои наместо да ја подобрат ја влошуваат состојбата на театрот.
Кумановскиот театар бил затворен во 1954, па неговото постоење, всушност, започнува од 1961 година, кога и била направена последната реконструкција на објектот што веќе се распаѓа.
За нов театар никој не сака да слушне
Кумановските актери создаваат неколку претстави годишно, но условите во кои работат ниту се хумани, ниту се безбедни. За нов театар никој не сака да слушне, па денешното раководство на оваа културна установа мака мачи да добие средства од државата макар и за основна реконструкција. Планот е првин да се реконструира покривот, кој и при најмал дожд протекува.
– Ние имавме реконструкција на тоалети, поточно оној што е за актерите, заедно со туш-кабина, но кога немаме греење, дали сметате дека тоа се услови во кои еден актер би требало да работи? Во фоајето, да речеме, кога ќе се влезе во театарот, немаме определено место каде би имале гардероба, во самата сала каде што седи публиката потребна е комплетна репарација или смена на седиштата на кои седи публиката, поради тоа што и не знаеме кога последен пат се сменети. Исто така, самата сцена, да кажеме ротирачка сцена, одамна не работи, а самата состојба на сцената каде се движат актерите станува полоша од година на година, поради тоа што тоа е поставен паркет, кој се вади и кој не дозволува убава игра на актерите. И комедиите ги играме во трагични услови – вели Симона Тоскиќ, продуцент на Театарот.
Министрите се менуваат, ветувањата остануваат нереализирани
Сцена со најсовремена технологија и балкони кои ќе го зголемат бројот на седишта во кумановскиот театар беше ветувањето на поранешната министерка Елизабета Канчевска – Милеска уште на 12 јануари минатата година. „Со реконструкција почнуваме веднаш“, рече тогаш Канчевска – Милеска, која и најави дека архитектите ќе започнат да работат на новиот изглед на театарот.
Како што вели денес продуцентот Тоскиќ, речиси две години по посетата на тогашната министерка, архитектите навистина доаѓале и правеле планови, но со промената на власта пропаднал сонот за нов лик на кумановскиот театар.
– Искрено ми е многу криво. Сметам дека со смена на власта не треба да престанат и вакви инвестиции. По таа посета на министерката, лично јас прашав дали има шанси да се продолжи со тој план за реконструкција на театарот. Ми кажаа дека сега за сега тоа е стопирано. Сметам дека овој театар треба да работи, не да биде едно место кое ќе е затворено и заборавено, а од друга страна ако веќе работиме, сметам дека ситуацијата во него не треба да биде во рамките да се биде или не. И за театарот како институција како оваа и за оние кои работат во него – смета Тоскиќ.
Канчевска – Милеска ја наследи Роберт Алаѓозовски, а него, пак, Асаф Адеми. Сепак, реконструкцијата на покривот на која сите се надеваат и натаму е само ветување.
– Имаме ветувања дека најпрвин ќе почнеме со реконструкција на покривот, па потоа ќе се спуштаме кон целиот театар за да видиме што може да се направи, бидејќи навистина покривот е во лоша состојба. Мора тоа да го средиме првин, па потоа и да продолжиме со останатата реконструкција на театарот. Се надевам дека наскоро ќе го започнеме тој проект – изјави Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Како што посочи Тодоровски, актуелниот министер за култура Адеми покажал интерес за нов театар, но тоа ќе чини поскапо, а процедурата ќе биде подолга.
– Тој е заинтересиран да се направи сосема нов театар во Куманово, но за тоа треба да се најде најпрвин локација, да се најдат финансиски средства. Таа процедура можеби ќе трае многу подолго и затоа во моментов мислам дека е подобро да се направи реконструкција на овој постоечки театар што го имаме, да се средат внатре работите за да може да функционира нормално, бидејќи навистина тоа е културна институција во која работат актери и заслужуваат максимално да им се посвети внимание од тој аспект – додава Тодоровски.
Кумановци со поделени мислења
Граѓаните – љубители на театарската уметност имаат поделени мислења во однос на прашњето дали градот треба да добие нов театар или да се реконструира постоечкиот.
– Мислам дека на Куманово му недостига еден убав, современ театар, со оглед на тоа што Куманово е најголемата општина во Република Македонија. Дефинитивно му треба нов театар, а не реконструкција доколку веќе се планира реновирање и реконструкција на веќе постоечкиот – вели Снежа Петковска.
Милена Станишковска смета дека треба да се задржи веќе постоечкиот театар, но да се реновира, затоа што самиот комплекс е прилично стар, вклучувајќи ги и седиштата за публика, сцената, озвучувањето…
– Мое мислење е, како што велат кумановци – „Дај шта даш“. Подобро да се направи нешто, а мислам дека ќе се направи реконструкција каква-таква на стариот театар, бидејќи за нешто ново немаме пари – изјави Небојша Кипријановски.
Министерството допрва ќе го резгледува предлог-проектот
Од ресорното министерство во одговорот што ни’ го испратија на оваа тема велат дека допрва ќе се разгледува предлогот кој НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ го има поднесено во годишната програма за 2019 година, но ја нагласуваат потребата од целосна реконструкција.
– Министерството за култура преку Секторот за инвестициски работи има извршено повеќе работни посети во Куманово, има предвидено и утврдено потребни работи за реконструкција на објектот на театарот и има изработено проектна задача за изработка на проектна документација за реконструкција на објектот од причини што тој е во лоша состојба, па е неопходна комплетна реконструкција. Како прва фаза од комплетната реконструкција на објектот е реконструкцијата на покривната конструкција и, според тоа, и НУ ЦК во Куманово има поднесено предлог проект во годишата програма за работа на установата за 2019 година, за реконструкција на покривот на зградата за театарот, која ќе биде разгледувана и одлучувана од страна на Комисијата согласно Законот за културата – велат од Одделението за односи со јавност на Министерството за култура.
Додаваат дека во 2016 и 2017 година со 2,9 милиони денари е реконструирана покривната конструкција за Центарот за култура.
ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО САМО ЗА ДВЕ ПРЕТСТАВИ
Според годишниот план, Министерството за култура издвојува средства само за две претстави на годишно ниво за македонска и две за албанска драма. Кумановскиот театар досега има реализирано две претстави. Една како проект на ресорното министерство – „Физика на тагата“, и детската претстава „Јованче и Марика“, финансирана од сопствени средства.
Како што информира Себихана Скендеровска од кумановскиот театар, заклучно со септември, одиграни се вкупно 51 претстава на македонски јазик, а ги посетиле 6.273 граѓани.
За љубовта кон театарската уметност што ја негуваат кумановци зборува и фактот дека фестивалот Денови на комедија годинава го посетија повеќе од 9.000 гледачи на четиринаесетте одиграни претстави од домашните и театрите од регионот.
Текстот е дел од проектот „Македонија не е само Скопје“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.