Додека жителите се иселуваат, туристите стануваат сè побројни. Кратово веќе е привлечна дестинација и за туристите од подалечните земји, а со воведувањето на рестрикциите во периодот на ковид пандемија, се зголемил бројот и на домашните туристи восхитени од македонските природни убавини.
Што најчесто им остава впечаток на луѓето кои доаѓаат во Кратово, што е најспецифично во градот кој важи за еден од најстарите на Балканот и со какви специјалитети може да се пофалат кратовчани, ни раскажа локалниот жител Јаким Доневски.
Тој е еден од малкумината млади кратовчани кои одлучиле да останат во својот град и ужива неговата историја да им ја раскажува на сите туристи, додека нивниот број расте. Доневски по професија е археолог, но веќе две години работи како туристички водич. Со него разговаравме додека шетавме по тесните кратовски калдрми, во пресрет на доаѓањето на најавената група туристи од САД.
„Кратово е специфичен град кој има средновековен изглед и кога доаѓаат туристи, пред сè акцентот се става на кулите, на мостовите и на турското наследство, односно на турските градби од кои се зачувани амам, Сарај куќа, затвор и староградски куќи“, вели за ММС, Јаким чиј татко се занимавал со туризам, па така тоа станало и негова пасија.
Според него, најголем дел од домашните туристи се од Скопје, Струмица, Охрид, Битола и Куманово.
„Сите туристи кои ќе дојдат, како домашни, така и странски, си заминуваат со добар впечаток од Кратово. Ова е мало место и на луѓето им се интересни самите градби, самите улици, малите сокаци, но и природните ресурси на Кратово, а меѓу другото и културното наследство“, посочува Јаким.
Кратовскиот домаќинлук причина туристите повторно да се враќаат
Интересно е тоа што во посета на градот доаѓаат луѓе од земји, за кои би помислиле дека никогаш немаат слушнато за кој било мал македонски град. Сепак, Јаким споделува дека во неговиот град доаѓаат и туристи од Полска, Германија, Холандија, Англија, Чешка, па дури и од Америка.
„Некои од нив остануваат по два до три дена, некои доаѓаат само на еднодневна екскурзија, а некои остануваат и по една недела. Откако ќе дојдат, во текот на наредната година дел од нив се враќаат и тоа кажува дека оставаме добар впечаток како добри домаќини“, вели Јаким.
Градот е мал, но низ него се проткајуваат интересни спомени и Јаким вели дека така е секогаш кога се работи со туристи.
„Највеќе впечаток ми остави еден пар од Чешка. Тие првично дојдоа во Кратово пред десетина години и бидејќи им се допадна градот, почнаа да доаѓаат секоја година. Пред две години одлучија да купат куќа во Кратово. Куќата сега е во чешка сопственост, а сопствениците доаѓаат два пати годишно. Еве баш сега треба да дојдат за Велигден. Пред еден месец имавме гости од Бразил. Лани имавме доста групи од Колумбија и Аргентина“, додава Јаким.
Тој нагласува дека луѓето дознаваат за овој македонски град благодарение на новите медиуми, а кога ќе пристигнат, највеќе се интересираат за кулите, за мостовите, како и за старите и напуштени куќи за кои прашуваат како луѓето некогаш ги граделе.
„Претежно имаме европски туристи, но во последните две години доста е застапена бројката на туристи од Јужна Америка. Ги интересира како живееле луѓето некогаш и како ги граделе тие куќи. Кратово се наоѓа во вулкан и за да се изградело куќа требало да се носи материјалот на рака, требало многу работа, па на туристите ние сега им кажуваме како жителите некогаш го обработувале каменот, бидејќи кратовските мајстори се едни од подобрите во Македонија. Туристите се интересираат околу стилот, начинот на изградба, па прашуваат од каде се наоѓа каменот. Во нивните земји архитектурата е сосема другата“, вели Јаким.
За разлика од него, повеќето млади жители од овој град не гледаат просперитет, па се преселуваат во Скопје, а некои ја напуштаат и државата за да градат живот во Германија, Италија или Англија.
Оние кои ќе дојдат пак, овде од странство, не можат да ѝ одолеат на локалната кујна. Јаким вели дека странските туристи често знаат да купат и домашно вино или ракија како подарок за своите блиски.
„Кратово има добра понуда за гастрономија, пред сè може да се издвои кратовската пастрмајлија. Таа се прави со чадено свинско месо, но сега има и нови варијанти, меѓу кои и вегетаријанска. Странците се воодушевени од алкохолот, тие пробуваат и купуваат за да однесат како подарок дома. Подарокот е најчесто вино или ракија“, додава Јаким.
Сепак, туристите неретко сакаат да уживаат и во вкусот на ајварот. Јаким ни раскажа една анегдота поврзана со тоа:
„Имаше една група од Полска. Овие туристи беа дојдени во септември, баш кога се прави ајварот. Едни луѓе правеа ајвар во дворот, а туристите првпат тоа го видоа и зедоа да им помагаат на луѓето. Почнаа и тие да лупат пиперки, да мелат…За странците е интересен начинот на кој се добива ајварот. Домаќините им ја објаснија целата процедура и тие беа фасцинирани бидејќи го знаеја ајварот само како продукт, но не го знаеја процесот на добивање“.
За овој град на североистокот, резервации се прават уште од сега за наесен.
„Некои прават резервација уште од сега, па во моментот имаме осум групи од Англија. Турата што ја правам е околу два часа разглед на Кратово. Во старото централно јадро ги посетуваме сите кули и мостови. Меѓу другото, мојата тура ја носам преку старите сокаци. Поентата е да се види стариот дел, архитектурата и калдрмите. Интересно е што Кратово се дели на четири дела – православен каде што живеат Македонци, муслимански дел каде што живееле Турци, но веќе немаме турски семејства. Има и католички дел, но и еврејски дел. Порано Кратово било мултиетничка општина, но со балканските војни луѓето од овде почнуваат да се иселуваат“, вели Јаким.
Една група туристи пак, им оставила впечаток и на кратовчани. Јаким ни раскажа дека тоа биле жени дојдени од Либан и облечени во бурки, што за помладите жители било интересно, бидејќи дотогаш немале видено таков стил на облека во живо.
Додека Македонците најчесто го посетуваат Кратово за викенди или за државни празници, следниот месец овде пристигнуваат туристи од Унгарија, но и од Англија.
Инаку, Кратово е стар и древен град кој со векови важел за административен, рударски, трговски и културен живот на североистокот од Македонија. За тоа сведочат средновековните кули, кои со својата импозантност се најпознатиот кратовски симбол. Меѓу нив, најпозната е Саат кулата, чиј втор и трет кат биле пробиени за да може да се вгради часовничката камбана. Саатниот механизам бил купен од Солун заедно со ѕвоно на кое биле испишани зборовите vox mea inavribvs tvis или „Гласот мој во ушите твои ѕвони“.
За Кратово се споменува и уште една анегдота. За време на Втората светска војна, кога Хитлер го освојувал Балканот стасал до Кратово и на војската и рекол: „Стоп, освоивме сè, ова е крај на светот“.
Вања Мицевска