„Ни требаат два животи – првиот во кој ќе брзаме и ќе создаваме, а вториот во кој ќе уживаме во она што сме го создале“, токму оваа порака е испишана на првата страница од книгата „Ти си таа“ која беше промовирана пред македонската публика.
Книгата е автобиографско дело на Ана Дорник и се однесува на нејзината борба со ракот. Дорник пак, преку пишаниот збор и јавните настапи ги инспирира жените од целиот Балкан да се борат за она што го сакаат и во секоја предизвик да најдат инспирација.
„Не познавам личност која не сака да биде среќна, но некогаш не ни е баш најјасно како да го постигнеме тоа. Некои околности на нас оставаат некаква рана, некаква трага. Најчесто, тие рани ние ги интерпретираме како слабост, како тага и немоќ. Но можеме да ги гледаме и како наша сила, одлучност и храброст со кои одиме низ животот. Во ниеден момент не се срамев од моите рани, а ги има многу, како на телото, така и на душата“, порача Ана на промоцијата во Скопје.
Таа искрено рече дека нејзините рани се потсетник дека сè што поминала низ животот, денес вреди.
-Ние најчесто се „ценкаме“ со себе, дали нешто сме заслужиле или не, дали можеме, сакаме или нејќеме. Често пати одбираме да бидеме мудри наместо да уживаме во таа некоја ранливост. Секогаш се „ценкаме“, груби сме кон себе. Но секоја победа е работа на одлука. Јас не бев храбра. Често ми велат ти си хероина, но јас не знам што значи тоа ако ме прашате мене – истакна Ана, додавајќи дека таа само знае оти животот е вреден.
„Доволно вреден да се бориме за него. На секоја шеста минута се дијагностицира рак на дојка во светот. Додека ние зборуваме сега, некој бил демантиран од животот. Дали е тоа доволно причина јас да живеам сега среќна, имајќи прилика да бидам тука? Секој од нас има некаква битка, некаква околност поради која се чувствува полошо. Но, кога секоја околност ќе ја прифатиме се случува промена“, потенцираше Ана.
Таа рече дека кога луѓето ќе добијат една ваква дијагноза тие се тажни и се прашуваат дали некогаш ќе бидат сакани. Сепак, таа порача дека на прашањето „зошто“ никој никогаш нема да го добие вистинскиот одговор. Но како што рече, секој може себеси да се праша „што сакам да постигнам со оваа борба која ми е дадена и на кој начин сакам тоа да го направам“.
„Јас добив прилика да преживеам и мојата одлука беше да преживеам. Победата почнува со одлуката, но тогаш ви треба самодоверба дека својата борба ќе ја продолжите и ничии уверувања не треба да не демантираат.Мојата мисија е на овие промоции преку моите јавни настапи да демантирам дека од ракот на дојка само се умира“, додаде Ана.
Својата животна приказна таа претходно ја раскажа за ММС и во интервјуто порача дека лекциите кои ни ги дава животот никогаш не треба да ги забораваме. Според неа, пишувањето е лековито, а за својата книга вели дека претставува живот на 147 страници. На промоцијата на ваквиот живот претставен преку пишаниот збор, во Скопје говореше и водителката Лила Филиповска.
Како што веќе објавивме, таа во својот говор порача дека ракот не е непобедлив и дека секогаш е убаво кога луѓето имаат нешто свето за да се молат, бидејќи тоа помага на тешкиот пат.
В. Ми