Звукот на алармот веројатно беше прв што ги разбуди граѓаните на Штип, а потоа за неколку и земјотресот. На дисплејот на мобилните телефони се појави бројката од 4,6 степени, што веројатно ја предизвика паниката, покрај фактот дека се случува земјотрес.
-Бројката што излезе на дисплејот е 4,6 според Европската макросеизмичка скала што го покажува интензитетот на потресот и влијанието врз луѓето. Утринскиот земјотрес во 2:41 часот беше со 3 степени според Рихтеровата скала, по која всушност ги мериме земјотресите и ја прикажува ослободената енергија, објаснува д-р Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни науки во Штип.
Се работи за земјотрес од Плачковичкиот расед, кој е активен последните десет години и може да предизвика потрес од 2-3,5 степени според Рихтеровата скала.
Земјотресот изутрината бил регистриран и во новопоставениот апарат – магнетометар, што Сизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет го поставил во објектот на Универзитетот „Гоце Делчев“ на Плачковица, во некогашното Детско одморалиште.
Овој апарат е дел од новата опрема од 13 магнетометар.
Што се однесува до мобилните телефони, нема нешто невообичаено што прикажува потрес. Андроидите имаат можност да алармираат земјотрес откако ќе се постави локацијата и преку системот наречен ShakeAlert, преку сигнали на сеизмометри од цел свет се праќаат сигнали, кои преку обработка лоцираат земјотрес на едно место.
Овој систем на Гугл е создаден во соработка со американскиот Геолошки институт, преку кои се испраќаат предупредувања до корисниците на смартфони. Податоците кои се испраќаат се според Европската макросеизмичка скала, не според Рихтер, со која се мери силината на потресот.
Важна е и длабочината на земјотресот, која изутрината во Штип беше од пет километри.
За илустрација, разорниот земјотрес во Турција во февруари годинава, имал јачина од 7,8 степени според Рихтерова скала, а бил на длабочина од 17,9 километри.