Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот најнов извештај за работењето на ПИОМ за 2021 година констатира дека се’ уште не се надминати од порано констатираните слабости во делот на нецелосно спроведено интегрирање на апликациите и модулите. Исто така не се усвоени ИТ стратегии за развој на информацискиот систем, заштита на податоците и функционирање на системот по евентуални катастрофи согласно Стандардите за информациска безбедност, за што ревизорите информирале и во извршените ревизии од минати години.
Слабости се констатирани и во кадровскиот потенцијал во ИТ секторот и постојаниот одлив на луѓе.
– Секторот за ИТ, во последните години се соочува со перманентен одлив на вработени, како поради заминување во пензија така и поради трансфер кај друг работодавач. Од вкупно предвидените 63 места вклучително и отсекот скенирање и архивирање на податоци кое не е непосредно вклучено во развојот и одржувањето на системот пополнети се вкупно 23, односно 18 работни места доколку ги исклучиме вработените во спомнатиот отсек. Како причината за ваквата состојба е дефицит на овој кадар државата и платата која Фондот не може да ги понуди, констатира ДЗР во извештајот.
Поради тоа, ревизорите сметаат дека оваа состојба може да влијае врз навременото извршување на активности, како и да се доведе во прашање и функционирањето на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи. ДЗР препорачува изготвување на стратегии за развој, заштита и безбедност на информацискиот систем и обезбедување на потребните кадровски капацитети во Секторот за ИТ во соработка со надлежното министерство.
Во делот на финаиското работење, расте зависноста на пензискиот фонд од државниот буџет. Во текот на 2022 година 37,5 отсто од парите за пензиите доаѓаат од Буџетот на државата. Дополнително, пензиската сметка ја празнеле осум извршители, кои од основната сметка повлекле милион и 245.000 денари.
ДЗР во извештајот повикува да се усогласат пензиите согласно индексот на трошоци и висината на платите, потсетувајќи на неповолната демографска структура, предупредувајќи дека и понатаму пензискиот фонд се’ повеќе ќе зависи од државниот Буџет.
В.К.