ММС, 31.12.2018
Иако многумина сметаат дека честитките преку социјалните мрежи, СМС-пораките и другите нови средства за комуникација се несоодветна замена за традиционалните новогодишни честитки, сепак, во последните години тие речиси целосно исчезнаа, во некои мали градови сега нема ни каде да се купат, последниот класичен продавач во Штип вели дека тие веќе се сметаат за пропаднат бизнис, во кој до скоро пристојно се заработуваше, а сега дури и поштарите се радуваат кога ќе видат дека во торбата имаат честитка за достава, иако некогаш разнесеувале и по повеќе од 1.000 дневно
Пишува: Љупчо Шатевски
Традиционалните новогодишни честитки кои речиси два века им беа омилен начин на многу генерации луѓе за честитање на нови години и божикни празници сега, поради мобилните телефони, компјутерите, Интернетот и социјалните мрежи, се пред целосно исчезнување. Поштенското сандаче сега е заменето со електронско, класичната пошта со електронска, со фејсбук-пораки, СМС-честитки… Веќе ги нема преполните торби на поштарите со новогодишни честитки што одвај успеваа да стигнат да ги поделат и да израдуваат многу деца, но и возрасни. Ги нема ни традиционалните предновогодишни размени на честитки меѓу учениците скришно ставајќи ги под клупите или меѓу книгите или, пак, оставената пред врата честитка од соседот.
Историјатот на честитките почнува од 1843 година
Дали дефинитивно им доаѓа крајот на класичните поштенски новогодишни честитки, чиј историјат почнува во 1843 година во Англија, кога е направена првата честитка, која пред пет-шест години била продадена на аукција за 5.000 фунти или, пак, како нешто добро и старо, а ретрото често знае да биде модерно и во овие нови времиња, ќе успеат некако да опстојат?
Во некои мали градови во Македонија веќе никаде не се продаваат новогодишни честитки. Во нешто поголемите градови за македонски прилики, како Штип, на пример, честитки може да се најдат само на неколку места – во ограничен број во неколку книжарници, главно залихи од минатите години, и на по некоја тезга, главно околу пазарот, скриени зад други дребулии. Честитки нема ни во поштите.
– До пред десетина години продажбата одеше одлично, потоа почна значително да се намалува. Пред неколку години се направија големи залихи, па оттогаш не продаваме честитки – велат од поштата на плоштадот во центарот на Штип.
Денес многу деца не виделе честитка
Веројатно единственото место во градот специјализирано само за продажба на новогодишни честитки е еден штанд на влезот на Градскиот трговски центар во Штип. Го држи 25-годишниот Јордан Чачаров.
– Продавањето новогодишни честитки ни’ е нешто како семеен бизнис. Ги продаваше татко ми уште кога сум се родил. Јас го наследив и во последните две-три години сум единствен продавач исклучиво на новогодишни честитки во градот. Како студент, пред еден месец дипломирав медицина во Штип, одлично ми доаѓаа средствата заработени од продажба на честитките. За неполн месец ќе се заработеше приближно како една плата што за студент не е малку. Но, продажбата оди се’ потешко. Децата веќе не знаат што е честитка, возрасните застануваат ги гледаат, се потсетуваат на убавите времиња кога добивале и испраќале честитки, но ретко кој купува. А цената им е иста веќе 20 години – од пет, па до сто денари за некои луксузни, музички или светлосни. Веќе тешко можам и да обезбедам честитки зашто ги снемува, а овој бизнис се смета за пропаднат – истакнува Чачаров.
Додека разговараме, пред штандот, кој е на фрекфентно место, застанаа повеќемина возрасни мажи и жени, љубопитно ги разгледуваа честитките, се потсетуваа на минатите времиња. „Кога поштарот ќе ми донесеше честитка знаев дека тој што ми ја испратил ја избрал и купил само за мене, и она што го напишал е само за мене, а сега една иста СМС-честитка, на пример, испраќаме на 100, 500, 1.000 адреси“, коментира повозрасна госпоѓа. Купи честитка од пет денари. Потоа честитки купија и неколку ученички од Средното медицинско училиште.
– Како деца добивавме и испраќавме честитки, сега тоа престана да се практикува, а овде сме бидејќи во училиштето имаме некоја предновогодишна активност – вели Ивана.
Честитките своевремено освежуваа многу студентски буџети
Некогаш само во холот на Градскиот трговски центар имаше дваесетина тезги за продажба на честитки, на кои главно продаваа невработени и студенти кои одлично заработуваа од продажбата.
– Пред да се изгради Трговскиот центар, тезгите за продажба на честитки главно беа пред стоковната куќа „Идеал“, а ги имаше и на плоштадот. Секако, честитки се продаваа и на киосците, во книжарниците, во поштите. Како студент, пред триесетина години редовно продавав честитки во Трговскиот центар. Иако имаше многу тезги, продажбата одеше одлично, на тезга често дневно се продаваа и по неколку илјади честитки, па добро се заработуваше – раскажува штипјанецот Љупчо Јордев.
Убавите времиња за старите и добри новогодишни честитки изгледа дефинитивно поминаа, иако некои сметаат дека тие нема лесно да се предадат зашто, како што некогаш се велело, Нова година без честитка е исто како новогодишна елка без украси.
НЕКОГАШ ЕДЕН ПОШТАР ДНЕВНО РАЗНЕСУВАЛ ПО 1.000 ЧЕСТИТКИ
Поштите и поштарите порано пред секоја Нова година биле како во вонедна состојба за да успеат да ги разнесат купиштата новогодишни честитки што секој ден се испраќале.
– Поштар сум од 1978 година, па добро се сеќавам на убавите години за новогодишните честитки, кои почнаа да привршуваат пред една деценија, а од пред неколку години и ние поштарите веќе се радуваме кога во торбата ќе ставиме честитка за разнесување. А, некогаш во предновогодишните шпицови еден поштар разнесуваше и по повеќе од 1.000 честитки дневно. Речиси немаше адреса, куќа, стан, семејство што секој ден не примаше честитка. Некои добиваа и по дваесетина. Работевме од зори, кога ги распределувавме честитките по реони, па до 17 часот за да ги разнесеме сите. Се ангажираа и дополнително луѓе, а целиот прекувремен труд ни’ беше педантно плаќан – се присетува поштарот Добре Младенов.