Ангел Дериволов (89) бил 11-годишно дете, кога, заедно со неговиот 18-годишен брат и неколкумина негови другари што ракувале со сирената за тревога, тој ден (6 април 1941) на кој во авиобомбардирањето на Штип загинале околу 200 луѓе, се нашол кај црквата на Исарот, покрај која паднале четири бомби, од кои загинале брат му и уште еден младинец, Ангел бил тешко ранет, во животна опасност и 13 месеци во гипс, но од смрт го спасил германски лекар, кој двапати го оперирал, а штипјани паметат и уште еден „црн“ 6 април во Втората светска војна – 6 април 1944, кога, како одмазда за нападот од партизаните на злетовските рудници, биле стрелани 14 симпатизери на НОД и ранети партизани
Пишува: Љупчо Шатевски
„Судбината сакала германска бомба да ме рани, а германски лекар да ме излекува“, раскажува 89-годишниот штипјанец Ангел Дериволов, кој како 11-годишно дете бил тешко ранет при нападот од воздух на Штип на 6 април 1941 година, ден кога почнала и фашистичката агресија врз тогашна Југославија. Штип, веројатно поради присуството на поголема единица на кралската југословенска војска, бил еден од градовите што авионски биле бомбардирани тој ден. Од бомбите на германските авиони што долетале од царска Бугарија загинале околу 200 луѓе.
Германецот го оперирал двапати, а му донел и играчки од Солун
– Имав 11 години. Кога почна бомбардирањето бев во дворот на црквата на Исарот, познатото штиско возвишение и населба каде што живеам, покрај мојот 18-годишен брат Ванчо и уште неколкумина младинци кои ракуваа со сирената за тревога. Авионите жестоко го нападнаа Исарот, бидејќи на врвот имаше воена единица со топ која пукаше по нив. Во кругот на црквата паднаа четири бомби. Загинаа брат ми и уште еден негов другар. Јас бев тешко ранет – се присетува Дериволов на тој страшен ден.
Бил во животна опасност и тринаесет месеци во гипс.
– Неколку дена по бомбардирањето и моето ранување, во веќе окупираниот од фашистите Штип, ме оперираше германскии лекар. Веднаш потоа тој заминал во Солун, но оставил порака дека ми е потребна уште една операција и никој друг да не ме „чепка“ додека тој не се врати. По два месеца, дојде од Солун во Штип. Ми донесе и играчки зашто и тој во Германија имал дете на моја возраст. Ме оперира уште еднаш и ми рече да не се плашам, оти со време ќе закрепнам и нема да имам последици од раните. Така и беше. По една година, станав од постела. Германскиот лекар повеќе никогаш не го видов. Бев дете и во тешка состојба, па не му го научив ни името – раскажува Дериволов.
На ранувањето и на бомбите и денес го потсетуваат остатоците од нив на врвот на Исарот и камењата покрај црквата врз кои паднале.
Настрадала и тогашната штипска болница
Бомбардирањето на Штип почнало утрото. Авионите првин смртонсниот товар го истуриле на кејот на реката Отиња и врз тогашната Соколана во која бие стационирани две единици на тогашната Брегалничка дивизија на војската на кралска Југославија. Од бомбите и митралирањето загинале околу 150 војници и офицери, а многумина биле ранети. Отиња била црвена од крв.
Во вториот налет половина час подоцна, авионите ги бомбардирале Исарот, Горно Маало, Тузлија, Грнчарското Маало, а била погодена и тогашната штипска болница. Загинале 54 граѓани, 22 биле ранети, а десетмина се водат за исчезнати.
Крвава одмазда за партизанскиот напад на злетовските рудници
За штипјани, но и пробиштипјани, злетовци и кратовци, датумот 6 април бил кобен и во уште една година во Втората светска војна. На тој ден во 1944, пред точно 75 години, фашистите крваво се одмаздиле за нападот и онеспособувањето од страна на партизаните на злетовските рудници три дена претходно. Тие поради нападот извршиле апсења во злетовско-пробиштипскиот и во кратовскиот крај. Многумина од уапсените биле физички малтретирани, а 14 патриоти и симпатизери на народноослободителното движење, како и ранети партизани, биле стрелани на периферијата на Штип.
Злетовските рудници за олово и цинк за време на окупацијата работеле за потребите на фашистите. Со цел тоа да се спречи, Третата македонска народноослободителна бригата и Косовскиот одред во раните утрински часови на 3 април се спуштиле од Осоговските Планини и ги нападнале рудниците. Ги разбиле бугарските и германските војници што ги чувале рудниците, ги онеспособиле рудничките инсталации, запалиле дел од објектите, а потоа се повлекле преку Плавица и Црн Врв.
– Акцијата била успешна, а се водело сметка и при нападот да не настрадаат рударите и другите вработени, од кои повеќето биле симпатизери и активни поддржувачи на народноослободителното движење, кое по таа акција се омасовило во овој крај – истакнуваат од пробиштипската боречка организација.
По повлекувањето на партизаните, кон Злетово, Добрево и кон Пробиштип се упатиле засилени германски единици и припадници на бугарската дивизија стационирана во Штип. Биле извршени претреси и уапсени многу луѓе, рудари, младинци и младинки, за кои се сомневале дека индиректно помогнале во нападот на рудниците, како и ранети партизани. Со камиони биле однесени во штипската касарна.
Стрелани 14 ранети партизани, рудари и младинци, меѓу кои и три жени
– Ги малтретирале и тепале, а тешко ранетите ги стрелале во кругот на касарната пред очите на работниците од тогашната фабрика за цигари што била веднаш до касарната. Другите, без никакво судење, ги воделе на периферијата на Штип каде што ги убивале покрај реката Брегалница – велат од штипската боречка организација.
На тој 6 април 1944 година биле убиени Владо Гаџов, Царка Андреевска, Нада Михајловска, Ванчо Спасов, Кристијан Антонов, Вера Пазаванска, Глигор Пазавански, Митко Качалиски, Цветко Тонев, Драган Сибиновиќ, Богдан Андоновски и Владо Стојановски, како и рударските стручњаци и симпатизери на НОД што работеле во рудникот, а не биле Македонци – Томо Буиќ од Сињ, Хрватска, и Мирослав Барага од Постојна, Словенија.
Имињата на сите им се запишани на споменикот покрај реката Брегалница на периферијата на Штип помеѓу населбите Македонка и Балканска. Борци и граѓани на Штип, а и од Кратово, бидејќи половината од стреланите биле кратовци, секоја година пред споменикот им оддаваат почит, а пробиштипјани ги чествуваат на 3 април, денот кога биле нападнати рудниците. Штипјани секој 6 април им оддаваат почит и на загинатите во авиобомбардирањето на 6 април 1941 година – пред спомен-релјефот на зградата на Театарот и пред заедничката гробница на Градските гробишта во Штип.
ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА МНОГУМИНА УШТЕ ГИ ЧУВСТВУВААТ
На 78-годишнината од авиобомбардирањето на Штип и чествувањето за загинатите, пред спомен-релјефот на фасадата на Театарот денеска дојдоа и многубројни претставници на Националниот сојуз на цивилните инвалиди од војната на Македонија, кој денес токму во Театарот ја одржа својата годишна традиционална средба.– Не смееме и не можеме да заборавиме на воените ужаси. Многу невини луѓе настрадаа и се здобија со тешки повреди во неа. Бомбардирањето на Штип е само еден од многуте трагични настани. И по војната, но како последица од неа, многу луѓе останаа инвалиди од заостанат воен материјал – вели Душан Нешевски, претседател на Националниот совет.