Памела Реџепова е една од седумнаесетте најдобри студенти коишто денес на свеченото одбележување на 16 години од постоењето на УГД доби признание и парична награда од 10.000 денари. Таа во 2022 година стана дипломиран инженер по компјутерски науки како најдобра на факултетот.
„ Никогаш не се фокусирав да бидам најдобра студентка за време на студиите, напротив сакав да напредувам и лично и професионално. Сепак од друга страна сметам дека наградите се одличен пристап за славење на напорниот труд и работа за време на Академските студии. И најмалото признание може да огромна мотивација за студентите. За другите тое е можеби обичен сертификат или награда, но за наградените дека се ценети и чест. УГД во текот на изминатите години покажа дека нуди исклучително професионален кадар за пазарот на трудот,“кажа Реџепова.
Награди и признанија добија уште 16 студенти од сите факултети, а на Свечената академија што се одржа денеска признанија добија 16 институции но и поединци, меѓу нив и музичарот Влатко Стефановски којшто на Музичката академија ја донираше својата дискографска библиотека.
„Од самите почетоци Универзитетот „Гоце Делчев“ започна една динамична развојна политика како резултат на што и релативно бргу се етаблираше меѓу Универзитетите, благодарение на сите наши претходни ректори, декани , проректори и професори. Сите тие се вградија во реализацијата на идејата, и сметаме дека сонот на основачите на Универзитетот е остварен. Имаме институција која во сите параметри е респектабилна и којашто овозможува продукција на квалитетни и компетентни кадри но и истовремено овозможува и соработка со опшеството во многу полиња,“ вели ректорот на УГД, Дејан Мираковски.
Според Мираковски, низ Универзитетот досега поминале над 30.000 студенти а во овие 16 години дипломирале околу 8000 студенти на сите три циклуси на студии.
Студентите е фокусот и принципот на којшто е изграден и постои Универзитетот, и тоа е така, тврди Сара Денкова, претседател на Универзитетското студентско собрание.
„Ние студентите сме столбот на постоењето на Универзитетот и неминовно сме вклучени во голем број на настани и организации. Имаме можност активно да бидеме вклучени во студентските, универзитетски организации, Студентското собрание и во СОМА. Не ние е исклучена можноста да бидеме дел од наставно-научниот совет кадешто со професорките можеме одговорно и јавно да говориме за принципите и проблемите со коишто се соочуваме,“ потенцира Денкова.
На денешната Академија од студентите, за студентите и присутните гости беа изведени музички и танцов перформанс.
В.Кр