По ноќното пукање кон албанската комерцијална телевизија Топ Чанел, во која загина 60-годишен чувар, полицијата го пронајде возилото од кое е пукано.
На автопатот кај Каваја пронајдено е опожарено возило од типот „ренџ ровер“ за кое постои сомневање дека им припаѓа на сторителите.
Според информациите, на возилото се украдени регистарските таблички.
Полицијата е на местото на настанот, додека увидната екипа продолжува со работа за расветлување на околностите. Поставени се и контролни пунктови и се работи за откривање и фаќање на сторителите.
Она што до сега е познато, ноќеска, околу 01:00 часот, под се’ уште неразјаснети околности, од страна на неидентификувани лица било пукано од огнено оружје кон просториите на ТВ Топ Чанел.
Од пукањето животот го загубил обезбедувачот, државјанин П.К.(60).
Формирана е истражна екипа и под водство на Обвинителството продолжува интензивно да се работи на расветлување на околностите на настанот, одземање на докази кои ќе послужат за расветлување на настанот, идентификација и фаќање на сторителите.
Инцидентот го осудија политичарите од власта и од опозицијата, додека Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите ги повика албанските власти да спроведат независна и професионална истрага.