На Светскиот ден на театарот, во Штип за вечерва е закажана премиерата на претставата „Lé Кретен“, во режија на Никола Ристов.
Штипскиот театар „Lé Кретен“ ја најавува како приказна за осаменоста, опсесијата и посесивноста, раскажана преку приказната на фотографот Пињон, човек кој не може да се помири дека неговата сакана Луиз го напуштила за својот психијатар. Тој престојува во хотелот за да ја изврши својата работна задача – од хотелската соба да го фотографира влегувањето во судската палата на еден важен осуденик за кого се стравува дека можно е да му биде извршен атентат.
Иако смета дека неговата работа е од огромно значење, Пињон не ја пропушта можноста да ѝ се јави на својата бивша сопруга и да ја моли да му се врати. Но, не знае дека во другата соба е токму оној кој треба да го изврши атентатот, човек кој Пињон почнува да го смета за свој најдобар пријател.
Премиерата е закажана за вечерва во 20 часот. Во претставата играат Миле Вратеовски, Пеце Ристевски, Елена Шорова Дербов, Владимир Тулиев, Анѓелка Нашкова и Даријан Петров.