Македонските институции се неволни или немаат капацитет за раководење со Охридскиот регион и негова реална заштита. Ова е впечатокот на граѓанската иницијатива Охрид СОС која ММС ја контактираше во пресрет на посетата на УНЕСКО како придружба на претставниците на Бернската конвенција и на Рамсарскиот секретаријат.
Меѓународниот експертски тим ќе треба да ја „скенира“ состојбата во Охридскиот регион кој има статус на светско наследство на УНЕСКО и кој поради низата неисполнети препораки дадени од ваквата Организација за образование, наука и култура на ООН, е под ризик да биде впишан на листата Светско наследство во опасност.
Од Охрид СОС објаснуваат дека впишувањето на доброто на оваа листа, има за цел да ја засили меѓународната поддршка за да ѝ се помогне на државата членка ефикасно да се справи со предизвиците со кои се соочува доброто преку ангажирање на Центарот за светско наследство и советодавните тела, да развијат програма за корективни мерки за постигнување на посакуваната состојба на конзервација за доброто.
Што ќе значи впишувањето на листата Светско наследство во опасност?
Впишувањето на листата ќе значи дека всушност би добиле стручна помош и асистенција од меѓународните организации. Сепак, според познавачите од Охрид СОС тоа ќе биде неповолно за македонските институции, бидејќи како што наведуваат, тоа ќе ги открие сите слабости на еден нефунционален систем и некадарни државни и локални служби, што тие упорно со децении се обидуваат да го камуфлираат.
-Впишувањето на доброто на листата светско наследство во опасност му овозможува на Комитетот за светско наследство да додели итна помош од Фондот за светско наследство за загрозеното добро. Полошо за Охридскиот Регион е ова одолговлекување кое го прават македонските институции, кои препораките доставени уште во 2017 година и назначени како итни ги немаат сè уште исполнето – велат од Охрид СОС.
Македонските власти добија препораки од УНЕСКО уште во 2017-та година со цел да ја подобрат состојбата со Охридскиот регион чија посебност се уништува со неконтролирана урбанизација, бројни дивоградби, несоодветен третман на отпадните води и низа други фактори. Што и колку од тие препораки е исполнето, Македонија реферираше преку извештај кој со потпис на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска беше доставен до УНЕСКО на почетокот на минатиот месец.
„Штур“ извештај и неотпочнати активности наведени како итни во препораките
Како што веќе објавивме, повеќе експерти и активисти реагираа дека овој документ не ја отсликува реалната состојба на терен, па ги прашавме членовите на Охрид СОС соодветствува на реалноста. Оттаму велат дека уште со првото читање на извештајот, тие успеале да срочат забелешки на неколку страници нотирајќи каде нема исполнување на препораките кои се цитирани, има само делумно спроведување, или селективно исполнување.
-Постојат препораки со повеќе точки, од кои како исполнета е наведена само една, а другата била рушење на објектот во Лагадин на пример, која знаеме дека не само што не е исполнета туку објектот, поради институционалните слабости, во моментов се довршува. Многу од активностите и покрај тоа што во препораките се наведени како итни или имале рок од една година до денес не почнале, или ќе почнат во иднина – додаваат од Охрид СОС.
Од оваа граѓанска иницијатива забележуваат дека не постои координираност помеѓу локалната и централната власт, но и нема координација помеѓу државите со оглед дека еден дел од Охридскиот регион кој е под заштита на УНЕСКО е на албанска страна.
Два месеца пред да биде доставен извештајот, министерката за култура побарала оваа граѓанска иницијатива да достави свои предлози или барања за тоа каде е потребно итно постапување, но на крај во документот ниту едно од барањата не било инкорпорирано.
„Доставивме листа од пет страници со барања кои се однесуваат на Охридскиот Регион, Студенчишко Блато, комплексот Свети Наум, Охридското Езеро, црвените листи, оцените за влијанието врз животната средина, колекторскиот систем, спорните објекти (Лагадин, Парк), крајбрежјето и Комисијата за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион. Овие барања се објавени на нашата интернет страница, за да може секој заинтересиран да ги види во детали. За жал, после втората средба со засегнатите институции, кога од наша страна беше доставена оваа листа барања, не добивме follow up ниту од Националната комисија за УНЕСКО ниту од министерка за култура“, посочуваат од Охрид СОС.
Тие додаваат дека Извештајот делува доста штуро, без суштински поместувања во однос на исполнување на препораките.
Од оваа граѓанска иницијатива потенцираат дека со години активно и волонтерски и доставуваат коментари и забелешки кон плановите за управување, законите, стратегиските планови, како и други документи поврзани со природното и културно наследство.
Отсуството на буџетски ставки во Планот за рехабилитација остава простор за сомнеж за неговата реализација
Покрај Извештајот, во февруари годинава беше испратен и План за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, каде претставници од Охрид СОС биле активно вклучени, но дури откако била готова нацрт верзијата.
-Потоа доставивме втор сет на коментари кон нацрт верзијата во регуларниот процес на јавна консултација и забележавме дека доста од нашите сугестии се инкорпорирани во конечната верзија, со што Стратегискиот план значително се подобри. Од наша страна се инсистираше акцискиот план да содржи точни временски рамки за исполнување, имајќи предвид дека треба да биде регулатор на исполнувањата на обврските со цел рехабилитација на Охридскиот регион – велат од Охрид СОС.
Сепак, оттаму додаваат дека кога се работи за Планот за рехабилитација проблем е тоа што во него не се наведени буџетски ставки. Ова според активистите, значи дека реализацијата на овој План е неизвесна.
-Инаку, сме сведочеле како наши коментари и забелешки мистериозно исчезнале, или не биле примени иако биле навремено доставени, на дадените електронски адреси. Сè уште постојат такви ситуации во институциите, за жал. Се чини како институциите некогаш да нè бараат само кога „им гори тлото под нозете“, односно кога некои рокови се ближат, а тие немаат ништо суштински исполнето – реагираат од Охрид СОС.
Оттаму потсетуваат дека на 116-та седница одржана на 18-ми декември лани, Владата даде задолженија на повеќе институции, кои се однесуваат на препораките од УНЕСКО, но oод иницијативата сметаат дека ваквото активирање често е само формално
„После три месеци од седницата не знаеме дали некое од тие задолженија е исполнето и во која мера“, се наведува во писмениот одговор до ММС од Охрид СОС.
Да се почитуваа препораките немаше да постојат граѓанските организации
Од иницијативата нотираат дека македонските власти не го почитуваат она што е препорачано од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, ИКОМОС и IUCN, нити пак она на што се обврзале пред Рамсар или Комитетот на Бернската конвенција на Советот на Европа.
– Во спротивно, доколку тоа беше случај, ќе немаше потреба да постои Охрид ЅОЅ, ниту други формални и неформални организации, кои се коректив на сите лоши политики и одлуки кои ги прават институциите – велат од Охрид СОС.
Покрај тоа, потсетуваат дека во два наврати, во 2019 и во 2021 година нашите институции добија фора од Комитетот за светско наследство, но како што велат, и покрај тоа не се посветија на исполнување на препораките.
-Двете Реактивни мониторинг мисии, во 2017 и во 2020 година, им ги доставија на тацна сите слабости и недоследности и им зададоа конкретни препораки кои само требаше да се исполнат. На тоа нашата држава е обврзана пред УНЕСКО со самото потпишување на Конвенцијата за светско наследство. Реалната заштита на терен е обврска на македонската влада, локалните самоуправи. Ваквото одолговлекување е лошо за природното и културно наследство – заклучуваат познавачите.
Тие порачуваат дека не се оди напред, нема скоро никакво суштинско поместување, со години е лет во место, а за тоа време Езерото деградира. Општина Струга се толерира во сите овие процеси, како да не е дел од Охридскиот регион, не е заинтересирана за никаква заштита. Мерките и активностите одамна се зацртани, треба само вистинска акција, имплементација, која отсуствува. Тука е најголемиот проблем – додаваат од Охрид СОС.
Со слични ставови се и претставниците на Мрежата на невладините организации од Албанија и Македонија, кои ММС претходно ги контактираше. И покрај забелешките од граѓанскиот сектор, од Министерството за култура во писмениот одговор до нашата редакција истакнаа дека посветено работат на исполнување на препораките и заедно со невладиниот сектор се обидуваат да го задржат статусот, за кој финално одлучува Комитетот за светско наследство.
Вања Мицевска
Со овој текст ММС се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.