Сакам да потенцирам дека користење на институцијата МНР и нејзиниот углед за евтини реклами од страна на министерот Османи, преставува злоупотреба на институцијата. Она кое законски го има надлежност министерството да ја промовира државата надвор од своите граници во економска, политичка, трговска и културна област, сега МНР е претворено во институција којашто го рекламира министерот дома во рамките на државата, а најмногу во Чаир каде има добиено партиска задача да помирува фракции во неговата матична партија, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната панел дискусија на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија“.
Милошоски како таква евтина реклама го наведе примерот кога Османи се пофали пред медиуми со набавени тротинети, нешто што е крајно несериозно и злоупотребено од министерот за сопствена кампања.
– Имам забележано несериозно однесување од министерот за надворешни работи и бев запрепастен на колку евтина ЕПП програма е сведено МНР. Тоа беше во јули 2021 година кога беа повикани медиуми пред министерството за да им биде кажано дека набавиле 5 електрични тротинети и 6 кациги. И тоа беше настан на денот со изјава на министерот и дека министерството влегува во еколошка дипломатија и дека ќе бидат користени од дипломатите за одење по други институции. Ваква несериозна евтина ЕПП програма немаат направено ни градоначалници на Охрид и Крушево кои се туристички градови и би можело да се вклопи некако една ваква кампања, истакна Милошоски.
Милошоски посочи дека друг пример за дневни кампањи без реални резултати се најавените економски оператори кои отидоа само во 4 земји и од кои немам никаков фидбек што сработиле, колку инвеститори донеле, како и дека несериозно е што нема во најважните стратешки партнери од каде треба да се привлекуваат инвестиции.
– Министерот за надворешни работ излезе на прес конференција сериозен максимално, спремен за фотографирање и за пред камери и кажа дека МНР започнува нова фаза во развојот и работата а тоа е промоција на економската дипломатија, воведување на економски советници со анализа и проценка која ќе ги покрие сите географски области и земји каде Македонија има интерес. На крајот се тресеше гората, а се случија 2-3 прес конференции и се испратија 4 советници, во Варшава, Минхен, Истанбул и Абу Даби. И нема никаков фидбек колку Македонија привлекла инвестиции од Полска, колку од арапскиот свет? Зошто нема такви економски советници во скандинавските земји, зошто нема во Србија, Италија, Хрватска, Бугарија, Грција, Словенија, Америка, Канада, земји од каде што претходната влада привлекла сериозен број на инвестиции и би можела ако се следи тој пример да доведеме уште неколку позначајни инвестиции, нагласи Милошоски.
Милошоски потенцира дека МНР наместо да ја рекламира Македонија надвор од светот, го рекламира министерот во Македонија, а на стопански план МНР е најслабата алка, како и дека е оценето како министерство со најмала транспарентност што значи дека или нема кадар или раководството има податоци кои не сака да ги сподели.
Ѓорчев: Офанзивната реторика на бугарската држава е поради тоа што таа увиде дека македонската дипломатија е неорганизирана и не се грижи за Македонците во Бугарија
„Согласно Уставот на Република Македонија македонската дипломатија е структуирана од централната точка МНР и ДКП како традиционална или класична демократија која моја да почива на принципите на меритократија, правичност и дипломатски кариерни дипломати. Но од друга страна и да вклучува во дипломатијата луѓе кои со својот опус научен, интелектуален и културен се докажани во македонското општество и можат да го зголемат фаворитното милје на македонската дипломатија“, рече поранешниот Амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев на денешната панел дискусија на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија“.
Тој посочи дека главните причини се тоа што не постои систем во министерството за надворешни работи. Тоа се должи на тоа што секоја посебна одделна политичка гарнитура во Македонската држава се однесува наместо кон дипломатската професија не како стална дипломатија туку како ад-хок дипломатија односно од случај до случај.
„Одраз на ставот на оваа политичка гарнитура е дека македонската нација завршува со границите на македонската држава. Тоа е нешто што е неприфатливо во контекст на она што претставува Балканска географија и развојот на народите на балканскиот полуостров кој секогаш бил мултиетнички. Невозможно е сите други народи од соседството да имаат народи во Македонија, а само ние како Република Македонија да немаме право да говориме за нашите малцинства во Грција и Бугарија“, кажа Ѓорчев.
Ѓорчев е дециден дека како држава должни сме да ги браниме човековите права на Македонците во пиринскиот крај во Бугарија.
„Ние како држава покажавме огромна слабост и една од причините за една ваква офанзивна реторика на бугарската држава е тоа е искусна дипломатија и тие разбраа дека имаат работа со една неорганизирана дипломатија која ни малку не се грижи што се случува со Македонците во Бугарија и од година во година нивниот број се намалува“, изјави Ѓорчев.