Битолчанецот, кој испи корозивно средства наместо вода во кафуле и заврши на скопска Токсикологија, е во стабилна состојба, но со болки. Лекарите на Клиниката за токсикологија во Скопје, како што информираа, му даваат терапија под протокол за корозивна интоксикација.
На денот на приемот, информирана е полицијата, а земени се и примероци за испитување.
-Истиот ден кога е примен пациентот, се земени примероци за испитување, кои се испратени на Судска медицина. Известени се полицијата и надлежните органи. Направени се ендоскопски испитувања, кои покажаа дека горен дигестивен тракт е оштетен. Но, не можеме да знаеме што е од првиот ден, ќе видиме во наредните денови, тоа е патологија што се развива, изјави Ридван Бајрами, директор на Клиниката за токсикологија.
Случајот, како што рече Бајрами, е пријавен во полиција, како што потврди и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
-Има надлежни институции да испитаат. Доколку има сомненија за кривично дело, сторителите ќе се изведат пред лицето на правдата, рече Спасовски.
Како што веќе пишувавме, се работи за 42-годишен битолчанец, кој испил корозивно средство, односно виско концентрирано средство за миење садови. Оштетени му се хранопроводот и желудникот. Човекот нарачал вода во угостителски објект во Битола, но наместо вода, му бил даден концентриран калиум и натриум хидроксид. Истрагата утврдува дали навистина се работи за случајност, откако вработена наполнила шише од вода со корозивното средство, а потоа му било послужено на гостинот.