Спојот на природните феномени од светска важност со квалитетот и разновидноста на културните вредности и духовното наследство, го прават Охридскиот регион вистински посебен – нотираше во 2019 година, советодавното тело за природно наследство ИУЦН при Центарот за светско наследство на УНЕСКО.
Овој регион кој ги опфаќа Охрид, Струга, Дебарца и еден дел од албанска страна е единствениот македонски регион кој е под заштита на УНЕСКО. Со сиот свој раскош и со својата посебност, Охридскиот е и еден од само осум региони во Европа кои се вбројуваат во мешовита категорија на светско природно и културно наследство.
Две години претходно, Центарот за светско наследство испрати реактивна мониторинг мисија за да ја процени состојбата со исклучителната универзална вредност (ИУВ) над која се надвиснати „канџите“ на недоволната грижа на властите, но и бизнис интересите на поединци.
Оттогаш, УНЕСКО им даде низа домашни задачи на властите, а граѓанскиот сектор сочинет од професионалци и ентузијасти вљубеници во природата укажа на недоследностите во нивното извршување. Препораките на УНЕСКО и предлозите на активистите се чини, досега не допреа значително до надлежните, па Охрискиот регион со години е во ризик да се најде на листата Светско наследство во опасност.
Македонските и албанските власти подготвија Извештај и План за рехабилитација за да го информираат УНЕСКО за состојбата со Охридскиот регион, но како што веќе објавивме, експертите и активистите реагираа дека нивните констатации не ја отсликуваат реалноста. Дали и покрај тврдењата на надлежните дека се посветени на тоа да ги исполнат препораките на УНЕСКО, Охридскиот регион ќе стане светско наследство во опасност, ќе се знае во септември годинава.
Да имаме регион под заштита на УНЕСКО е престиж за државата – велат од Министерството за култура
Охридскиот регион веќе два пати куртули од опасноста да се најде на листата Светско наследство во опасност. Сепак, континуираната урбанизација, дивоградбите, уништувањето на крајбрежјето, прекумерниот риболов и низа други фактори придонесуваат да биде сè поизвесно дека тоа нема да се случи на 45-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО која треба да се одржи од 10 до 25 септември во Ријад кога всушност ќе треба да биде усвоена конечната одлука.
Додека граѓанскиот сектор обвинува за негрижа од страна на институциите, Министерството за култура е свесно дека статусот на светско наследство е престиж за државата.
Токму таквиот статус меѓу другото е загрозен и поради хотелот кој претставува дивоградба, а се гради во Лагадин и покрај препораките од УНЕСКО за уривање. Ваквата дивоградба ги скара Министерството за култура и Министерството за транспорт и врски од една страна и Општина Охрид од друга.
Индиректно, Министерството за култура потсети на тоа и во писмениот одговор кој го достави до ММС во врска со состојбата со Охридскиот регион.
-Не треба да го изумиме фактот дека ставањето на престижната листа на УНЕСКО како светско културно и природно наследство носи многу бенефити за туризмот, а со тоа и за локалната економија. За жал има луѓе кои предност му даваат на локалниот развој на штета на ексклузивната вредност која ја поседуваме. Во такви случаи, а ние не сме единствен случај во светот, за да ги заштити овие убавини од нивно непрепознавање и девастирање, УНЕСКО има и уште една листа, а тоа е светско добро во опасност – велат од Министерството.
Ја прашавме оваа институција, кои би биле последиците ако Охридскиот регион остане без статусот светско наследство, на што оттаму објаснуваат дека во тој случај, УНЕСКО ќе ја информира меѓународната заедница на кој начин е загрозено доброто кое е впишано на листата на светско наследство и ќе поттикне акција за негово спасување.
-На листата наследство во опасност влегуваат региони погодени од природни непогоди, од војни, загаденост, ловокрадството, но и поради неконтролирана урбанизација и туристички развој. Впишувањето на областа во листата на светско наследство во опасност му овозможува на Комитетот за светско наследство да алоцира итна помош од Фондот на светско наследство за загрозеното подрачје. Исто така, ја алармира меѓународната заедница за овие состојби со надеж дека таа ќе ги здружи напорите за да ги сочува и спаси овие загрозени подрачја – посочуваат од Министерството за култура.
Интересно е што оттаму додаваат дека УНЕСКО констатира оти дури и самите изгледи да биде впишан некој регион на оваа листа се покажало како ефикасно и може да поттикне брза акција за заштита.
Во реалноста пак, според тврдењата на оние кои континуирано ја следат состојбата ова не важи за Охридскиот регион каде најактивни се оние кои градат на диво, а не оние кои тоа треба да го спречат.
-УНЕСКО посочува и дека впишувањето не го доживуваат сите земји исто. Некои земји сами аплицираат за да бидат впишани области на таа листа и на тој начин да влезат во фокусот на меѓународното внимание и да обезбедат експертска помош за да ги решат. Други пак, сакаат да го избегнат впишувањето зашто го доживуваат како губење на честa. Во секој случај, листата на подрачја на светско наследство во опасност не треба да се доживува како санкција туку како воспоставен систем за одговор на специфични потреби за заштита на ефикасен начин – потенцираат од Министерството за култура.
-И да не забораваме, заштитата на Охридскиот Регион е пред сè наша вредност кон која мораме да имаме највисок степен на заедничка грижа- од државните институции, локалните самоуправи, невладините организации и граѓаните – сметаат од институцијата.
Оттаму, во одговорот до ММС се наведува дека сочувувањето на светското наследство бара интердисциплинарен и комплексен пристап и ангажман на сите засегнати страни во процесот во кој се вкрстуваат повеќе аспекти на социјалното живеење и низа активности – конзервација и реставрација, ревитализација, како и просторно и урбанистичко планирање и развој, култура, образование, наука и истражување, животна средина, одржлив туризам и економија.
-Во таа насока се одржуваат редовни консултации и активности помеѓу ресорните минситерства и секако и општините во Охридскиот Регион – тврдат од Министерството.
Во однос на тоа каде има најголемо подобрување кога се во прашање препораките од УНЕСКО, од Министерството за култура одговорија дека делумно се реализира целосен мораториум на каква било урбана и крајбрежна трансформација во рамките на светското наследство, додека не се донесат сите релевантни плански документи.
Меѓу исполнувањето на препораките е и тоа што се работи на Инвентар на бесправно изградени објекти, тековно се спроведуваат и активности за зајакнување на прекуграничната соработка со Албанија.
– Се работи санација и целосно функционирање на колекторскиот систем, завршен е проектот за пренасочување на реката Сатеска, во тек е постапка за реализација на целосно затворање на депонијата Буково, тековно се реализира препораката за контрола на инвазивните видови во Охридското Езеро за обезбедување редовна програма за следење на биолошката разновидност, а се работи на целосна реализација за намалување на моторизираниот сообраќај во Охридското Езеро во старто градско јадро – велат од Министерството.
Во изготвувањето на документите со кои Македонија и Албанија рефереираа пред УНЕСКО што презеле, учествуваа и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање. Сепак, нашите прашања адресирани до ова Министерство останаа неодговорени и од прес-службата на оваа институција не кажаа дали и кои препораки од невладините ги зеле предвид при подготовката на Извештајот и на Планот.
Од граѓанскиот сектор забележаа дека во ваквите документи нема буџетски ставки за предвидените активности, но од МЖСП не одговорија зошто нема финансиска рамка и покрај сомнежот дека тоа ја доведува во прашање волјата за да се постигне некаков напредок.
Вања Мицевска
Со овој текст ММС се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.