Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека неговиот став за уставните измени е јасен и непроменлив. Вели дека сегашниот состав на Собранието нема мандат да го менува Уставот, без оглед на притисоците.
– Притисоците ќе продолжат и нема да престанат. Ако мислите дека ќе се откажат, нема да се откажат. Затоа што овие од Владата бараат да се прават притисоци. Јас немам проблем да ги истрпам. Тие се жестоки, но она што е поразлично од Преспа е што ВМРО-ДПМНЕ е консолидирано, обединето, и нема слаба алка внатре. Сега не се други центри на влијание, сега ВМРО-ДПМНЕ како целина е центар на влијание. Единствено е ВМРО-ДПМНЕ, политичките ликови во ВМРО-ДПМНЕ се единствени не затоа што водиме инает, туку затоа што сакаме да добие овој народ нешто. Мојата порака е јас лично ни милиметар нема да се поместам и ќе ги истрпам сите притисоци од каде и да идат, изјави Мицкоски при денешната посета на Општина Илинден.
Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има план составен од три дела и содржи национални елементи, политички елементи, како и економски план за помош на граѓаните.
– Подготвени сме тој план веднаш откако ќе завршат изборите да го ставиме на располагање на дипломатите од ЕУ, да разговараме по тој план и тој е единствениот план за надминување на сегашната ситуација односно ќорсокак во кој што нѐ донесе Владата на ДУИ подржана од СДСМ, истакна Мицкоски.
Според него, овој Парламент нема мандат да менува Устав, туку треба што побрзо да се самораспушти, да се оди на предвремени парламентарни избори и секоја политичка партија и коалиција да излезе со јасен план и визија за надминување на проблемот.
Прашан за забелешката на премиерот Димитар Ковачевски дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот претходник Никола Груевски имаа различни ставови за уставните измени, Мицкоски кажа дека неговиот став е добро познат, а за позицијата на Груевски упати појаснување да се побара од Ковачевски.
-Мојот став е јасен, кажан во јавноста, повторен и непроменлив итн. А, што се однесува за ставот на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски можеби Ковачевски може повеќе да ви каже. Ако знае деталите нека ги сподели со јавноста. Добро е да го прашате еве на следната средба со него да го прашате кој е ставот кој што тој го знае, а јавноста не го знае, ниту пак јас, ниту претпоставувам граѓаните овдека, изјави Мицкоски.