Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница ја изгласа Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на собраниските службеници.
На седницата беа донесени и Одлуката за начинот на утврдување на платите на вработените во Службата на Собранието на Република Северна Македонија кои вршат помошно-технички работи и немаат статус на административни службеници, како и Одлуката за начинот на функционирање и обезбедување средства за остварување контакти на пратениците со граѓаните.
Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето за последната Одлука се јави за збор. Рече дека дел од пратениците се уште немаат канцеларии.
-Би замолил да се направи пречистена информација за тоа кои пратеници се уште немаат канцеларии и дека ние како Собрание реагираме до градоначалниците да се обезбедат канцеларии за кој било пратеник од која било пратеничка група. Не е во ред се уште колеги пратеници да се соочуваат со ова. Сметам дека како Буџетски совет треба да се обратиме повторно со допис до сите градоначлници каде одредени пратеници се соочуваат со проблеми за профункционирање на канцелариите, истакна Мицевски.
Претседателот на Буџетскиот совет Горан Мисовски го прифати предлогот на Мицевски и најави дека ќе ги задолжи службите да изготват таква информација за следната седница на Буџетскиот совет.