Унапредување на деловното окружување за развој на сметководствено-финансиската и професијата на даночните советници, преку промоција, подигнување на професионалните стандарди и соодветно адресирање на предизвиците. Ова се целите на новата Комора на сметководители, финансиери и даночни обврзници која е регистрирана и е дел од Сојузот на стопански комори.
За претседател на новата Комора е избран Ромео Костадинов, даночен советник со 30-годишно искуство од областа на економската, финансиска и сметководствена сфера.
„Професионалните сметководители, ревизори и даночни советници се пред постојан предизвик да го следат брзиот развој на технологиите, општествените промени, измените во законските регулативи и сето тоа задолжително да го имплементираат во секојдневното работење на деловните субјекти. Уште позначајно е што на нивните анализи и извештаи се темелат и економските политики на државата“, вели Костадинов.
Од ССК соопштија дека новата Комора ќе се вклучи и во иницирање на рамноправно учество во подготвувањето на законите и останатите прописи од сметководствено, финансиска и даночна област како и во утврдување на стручните ставови и позиции за целисходно вршење на дејностите.
-Акцент на активностите ќе се стави и на почитување и следењето на професионалните и етички стандарди на кои се темели квалитетот во работата. Паралелно ќе работиме и на грижата и одбраната на честа и независноста на професијата, поттикнувањето на соработката меѓу членовите на домашно и меѓународно ниво и промоција на услугите и дејностите – истакнува Костадинов.
Со формирање и дејствување на новата Комора, активностите на Сојузот добиваат додадена вредност бидејќи секторите кои се опфатени имаат пошироки импликации во работењето на сите деловни субјекти и воопшто на економскиот и даночен систем во земјата. Сојузот на стопански комори на Македонија е најголемата национална деловна организација со 35 стопански комори, секторски, билатерални и регионални и со над 30 групации, здруженија и асоцијации.