Само 169 гласачи се пријавиле во законскиот рок до 14 март да гласаат на седум избирачки места во Македонија на парламентарните избори во Бугарија, закажани за 2 април.
Според објавениот список на гласачки места на сајтот на бугарското Министерство за надворешни работи, ќе се гласа во Скопје, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Струмица, додека Охрид, иако бил предложен, не се пријавил ниту еден за гласање на бугарските избори.
Најмногу пријавени има за гласање во Кавадарци, каде во списокот има 42 имиња. Ќе се гласа во хотел. Следен град по број на пријавени е Прилеп, со 41 пријавен, па Тетово со 40 гласачи, Струмица со 22 пријавени, Скопје со 15, додека најмал интерес има во Битола, со 9 пријавени.
На Пописот 2021 година во Македонија, како Бугари се идентификувале 3.504 лица.
За претстојните парламентарни избори во Бугарија на 2 април, покрај во Бугарија, ќе се гласа во 61 странска земја. Од земјите од регионот, ќе се гласа во Албанија, Србија, Грција и Црна Гора.