Доцна попладне вчера, Централен регистар го избриша клубот „Ванчо Михајлов“ од Битола, постапувајќи по новите законски измени и одлуката на Комисија за имиња на организации и здруженија, која даде негативно мислење.
Според образложението на македонските институции, „бугарскиот клуб не го смени името според изменетиот Закон за организации, здруженија и политички партии во земјата. Законот забранува создавање и постоење на организации кои носат имиња на личности кои се контроверзни, создаваат тензии меѓу граѓаните на земјата, поттикнуваат омраза врз основа на националност, вера или поттикнуваат фашизам и нацизам“ .
Битолскиот бугарски клуб не постапи по законот и не го смени името, по што следеше постапката на ЦР. Следен на листата за бришење е охридскиот клуб „Цар Борис Трети“. За овие два клуба формираната државна Комисија за имиња на организации и здруженија даде негативно мислење за името на клубот.
Според Комисијата, името се поврзува со фашистичка идеологија и ги повредува националните чувства на македонскиот народ, што е во спротивност со донесените измени на Законот за организации.
Претседателот на битолскиот клуб, Љубчо Георгиевски за бугарските медиуми изјавил дека не биле информирани за одлуката. Најави дека одлуката ќе ја оспорат на суд, додека со активностите ќе продолжат редовно, како и досега.