Младинската невработеност бавно се намалува – нотираше граѓанскиот сектор, од каде констатираа дека младите кои подолго време се невработени со текот на времето ги губат знаењето и вештините. Додека дел од младите тешко доаѓаат до работа или пак, воопшто не работат, компаниите кубурат со кадар, а надлежните планираат состојбата со ваквиот недостиг да ја решаваат преку привлекување работници од странство.
Кои се факторите кои влијаат на ваквата состојба на пазарот на трудот и каква е улогата на образовните политики на ова поле, ММС разговараше со Марија Акимовска, која е дел од тимот специјалисти за човечки ресурси при Сојузот на стопански комори.
Анализата на невладиниот сектор покажа дека невработеноста кај младите не бележи пад, а од друга страна младите завршуваат факултет, некои од нив магистрираат, понатаму и докторираат, но сепак се невработени, а дел од работодавачите се жалат на дефицит на работна сила. Како го објаснувате ваквиот јаз на пазарот на трудот?
-Јазот помеѓу побарувањето на пазарот на труд и недостатокот на квалификувана работна сила е „наталожен“ проблем. Ние денес, ја плаќаме цената на минатите генерации и за жал тоа нема да се смени скоро. За тоа се одговорни повеќе фактори, неприлагоден образовен систем и образовен модел и деценискиот недостаток на суштински дијалог помеѓу образованието и бизнис секторот кои би вродиле со конкретен план на активности. Доколку постоеше таа соработка ќе можевме да ги прилагодиме образовните процеси на потребите на пазарот на труд и немаше да сведочиме на денешната ситуација.
Секако не можеме да го занемариме и брзиот развој на технологии на глобално ниво, кој дополнително го продлабочи јазот. Недостатокот на практична работа (пракса), како задолжителен дел од формалното образование, е исто така предизвик кон кој со внимание треба да се гледа и дејствува. Поттикот на младите за летна пракса, сезонска работа и други форми на привремени вработувања, со цел стекнување искуства и работни навики во слободниот период помеѓу образовните обврски, ги прави помалку конкурентни на пазарот на труд.
Зошто и покрај едукацијата и квалификациите, имаме младинска невработеност? Дали нема простор за вработување за кадрите од одредени професии или младите не секогаш, се согласуваат со понудените услови од работодавачите?
-Ова е прашање на понуда и побарувања, како и усогласување на очекувањата. Простор постои, впрочем тоа го гледаме и според отворените работни позиции на пазарот на труд, но прашањето е дали со стекнатата едукација и квалификации младите можат да одговорат на барањата на работното место, а особено во делот на стручни и раководни позиции, ако зборуваме за млади со завршено високо образование.
Од друга страна и работодавачите се пред големи предизвици. Да се следи трендот на зголемување на трошоците, кои се многу поголеми во однос на развојот на бизнисот и задржување и подобрување на профитабилноста, ги прави условите за вработување неатрактивни.
Според Вас, со какви образовни политики би можела да се поттикне младинската вработеност, а со тоа и да се пополнат и празните места во компаниите?
-Секако, подобрувањето на секое поле е континуиран процес. Некои политики кои релативно брзо може да бидат применети покрај дуалното образование, се воведување на менторски програми со приватниот сектор, заживување на центрите за кариерно советување во средните училишта и на факултетите, летна пракса која ќе биде секако платена и ќе носи бодови во оценувањето на успехот на ученикот/студентот и секако воведување на програми за усовршување на одредени основни бихевиорални компетенции потребни за секое работно место, програми за претприемништво и програми за работна етика.
Сметате ли дека нешто треба да се подобри во улогата на Агенцијата за вработување како „мост” меѓу барателите на работа и работодавачите? Дали треба да се промени нешто во политиките на оваа институција?
-Покрај улогата да биде „мост”, Агенцијата за вработување може значително да придонесе преку програми (дел погоре споменати), но и суштински програми за доквалификација и преквалификација. Ако погледнеме стратешки, Агенцијата има можност за сериозна анализа на пазарот на труд, да се провери понудата во однос на побарувачката, која анализа натаму ќе придонесе да се согледа јазот и да се направат предвидувања, каков профил на кадри се потребни во следните години и соодветно на тоа да предложат сет активности кои ќе влијаат на намалување на јазот.
Градежниот сектор алармираше дека се намалува бројот на работници и дека тие сѐ почесто заминуваат во странство. Во кои други сектори имаме алармантен недостиг на работници и што може тука државата да направи за тоа да се промени на подобро?
-Алармантно е веќе во поголем дел од индустриите, како производство (во повеќе дејности), угостителство, здравство… И овој тренд на заминување од државата, ќе продолжи на долг рок доколку не преземеме нешто. Но, за овој одлив на луѓе или работна сила, причината не се работните места и условите за работа во земјата, тоа е очигледно. Нам ни се неопходни суштински реформи, подобрување на образовниот систем, здравството, владеење на правото, превработеноста во јавната администрација, даночната политика и инвестиции во инфраструктурата, тоа се дел од клучните предизвици со кои се соочуваме, а се главен поттикнувач на одлуката, дали да се замине во странство. Овие предизвици треба да се приоритетите на секоја влада, но не декларативно, туку во пракса и со видиливи подобрувања веднаш.
Вања Мицевска