Новинарски екипи се пред затворот Идризово, каде неофицијално ноќеска е откриен тунел за бегство, кој водел надвор.
Со оглед на должината на тунелот, веројатно со месеци се копало под земја.
-Преземени се мерки за санирање на состојбите во КПД Идризово, одговори премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашањето за наводната филмска цена од затворот.
-Сите информации кои се однесуваат на оваа институција ги имаат службите задолжени за безбедност на државата, вклучително – МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и се’ што е потребно е преземено во однос за санирање и унапредување на состојбите во КП Дом Идризово, изјави Ковачевски.
Ковачевски соопшти дека е разрешен досегашниот директор на затворот Шпенд Тахири и е именуван Генерал мајор Зоран Јовановски, магистер, кого го претстави како висок професионалец со богата кариера во МВР, со бројни меѓународни обуки.
На досегашниот директор Тахири му се припишува долг список на пропусти, меѓу кои и бегството на Беким Мемети за кое осомничени се командир и затворски полицајци.