Патник со српски патни исправи, кој во Скопје пристигнал со авионскиот лет од Истанбул, Турција, во куферот и рачниот багаж носел 43 килограми на злато. Вкупната вредност на златото и златниот накит, кој вклучува и бело злато со дијаманти, изнесува 2,3 милиони евра.
-Ова е рекордна заплена на злато и златен накит. Лицето не ја пријавило стоката. Известен е и дежурен јавен обвинител. Лицето и накитот се привремено задржани, изјави Славица Кутиров, директор на Царинската управа.
Директорката Кутиров рече дека лани е двојно зголемен бројот на откриени случи на недозволена трговија. Во 2021 година имало 58 случаи на заплени, додека 2022 година е повеќе од двојно, односно 114 случаи.
Во 2022 година Царината запленила девизи, злато, акцизна стока во вредност над 2 милиони евра.
Во пет одделни случаи се запленети 33,8 килограми на злато со проценета вредност 1,5 милиони евра. Златото е предадено на Агенцијата за запленет имот и се депонира во Народна банка до правосилно завршување на судската постапка.