Предметот „Титаник 2“ за изборни измами, според Основниот кривичен суд Скопје вчера бил доставен во Апелацискиот суд за надлежно постапување.
– По добиени жалби од обвинетиот М.Т (Мендух Тачи, лидерот на ДПА) и неговиот бранител, како и известување од надлежниот Јавен обвинител дека нема да поднесе дополнителни жалби, предметот е комплетиран, испочитувани се сите утврдени рокови и доставен е на понатамошно второстепено постапување, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Апелацискиот суд веќе еднаш има постапувано, и според ЗКП сега треба да донесе мериторна одлука по добиените жалби.
Меѓутоа, речиси и да има само теоретски шанси судот да постапува. Делото за кое неправосилно е осуден Мијалков а тоа е примање награда за противзаконито влијание е пред целосно застарување. Според објаснувањата, претстои изјаснување на вишиот обвинител, тече нов законски рок, додека делото застарува на 7 април.
Пресудата за предметот „Титаник 2“ кој се однесува на договарање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ за локалите избори во 2013 година во Струмица, која беше изречена на 23 јануари. Тоа е втората пресуда што ја донесе Основниот кривичен суд од Скопје. Првата беше донесена во март 2019, но беше укината и предметот е вратен на повторно судење. Покрај Мијалков, обвинети и поранешните членови на Државната изборна комисија (ДИК), Бедредин Ибраими, Влатко Сајкоски, Сашо Срцев и Елизабета Стефановска. Меѓу обвинетите и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.