Сериозната корупција во Владата, недостиг на истрага и одговорност за родово засновано насилство и насилство или закани врз етничките малцинства и други маргинализирани групи се едни од најсериозните проблеми во Косово, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права.
Во извештајот за 2022 година во делот за Косово се споменува дека законот предвидува кривични казни за функционери вмешани во корупција, но дека владата не го спроведува во целост.
„Имаше неколку пријавени случаи на корупција на владино ниво. Службениците понекогаш се впуштаа во коруптивни практики неказнето. Недостигот на ефективен судски надзор и кревкоста на спроведувањето на законот доведоа до овој проблем“, се наведува во извештајот. Беше оценето дека некои случаи на корупција биле постојано обжалувани и дека судскиот систем повремено дозволувал застареност, пренесе Бета.
Антикорупциската и Државната ревизорска служба беа спомнати и во извештајот како одговорни за борбата против корупцијата во владата. Во извештајот се забележува дека невладините организации во Косово, како и меѓународните организации, постојано укажуваат на неуспехот на правосудниот систем да ги казни случаите на корупција, така што многу малку случаи на високи функционери, вклучително и овие прекршоци, завршиле со казни.
Беа спомнати и две големи истраги за корупција на границата меѓу Косово и Албанија.
„Истрагата резултираше со апсење на 74 косовски полицајци, двајца косовски цариници и 34 албански полицајци“, се вели во извештајот.
Во дел од извештајот се споменува дека процесот започнат во 2019 година против поранешниот министер за земјоделство Ненад Рикал се уште нема епилог. Тој и уште осум функционери во министерството беа обвинети за злоупотреба на службената положба, бидејќи наводно манипулирале со пари наменети за проекти.
Во делот за недостигот на истраги за родово засновано насилство, извештајот споменува дека жртвите често не пријавуваат такви случаи, вклучително и сексуално и друго насилство, поради социјална стигма и недоверба во властите. До септември 2022 година, обвинителите истражија 160 случаи на силување и поднесоа 30 тужби.
Во извештајот се споменува силување на 11-годишно девојче во Приштина, за кое се осомничени еден возрасен и четворица малолетници.
Извештајот, исто така, заклучува дека помалку жени имаат лидерски позиции во бизнисите, полицијата или владата.
Институцијата Народен адвокат извести дека жените често се изложени на дискриминаторски практики за вработување, како и на форми на дискриминација, вклучително и сексуално вознемирување на работното место во јавниот и приватниот сектор.
Според наодите од извештајот, жените во Косово „не се доволно застапени на пазарот на трудот, бидејќи само една од пет жени е активен дел од формалниот пазар на трудот“.
МИА