Ковид-19 е поврзан со зголемена опасност од развој на подоцнежни гастроинтестинални нарушувања, вклучително и синдром на нервозно дебело црево, според истражување спроведено во 14 земји ширум светот.
Испитувањата опфатиле 2.183 пациенти згрижени во 36 болнички установи во 14 земји: Италија, Бангладеш, Кипар, Египет, Израел, Индија, РС Македонија, Малезија, Романија, Руската Федерација, Србија, Шпанија, Шведска и Турција. Синдромот на нервозно дебело црево вообичаено може да биде хроничен. Тој се одликува со голем број на цревни нарушувања коишто го зафаќаат дебелото црево, вклучувајќи неправилна подвижност на дебелото црево, надуеност и стомачни грчеви. Истражувањето е објавено во списанието „Гат“ (Gut).
– Знаеме дека вирусот САРС-КоВ-2 може да го зарази и гастроинтестиналниот тракт, а тоа ја потврдува можноста Ковид-19 да доведе до развој на синдром на нервозно дебело црево, објаснува Џовани Мараско, истражувач на Одделот за медицина и хирургија на Универзитетот на Болоња во Италија.
Пациентите кои се заразиле со Ковид-19 биле евалуирани по приемот в болница, а потоа следени во следните 12 месеци, споредувајќи ја нивната состојба со онаа на луѓе незаразени со коронавирус.
Анализата покажа дека пациентите згрижени поради Ковид-19 почесто пројавувале гастроинтестинални симптоми (59,3 отсто) отколку контролната група (39,7 отсто). Покрај тоа, истражувачите откриле дека на 6 месеци и 12 месеци по болничкиот орестој, забележани се повисоки нивоа на анксиозност и депресија кај оние кои имале Ковид-19.
Откриено е дека последиците од Ковид-19 се поврзани и со појава на алергии, тешкотии со дишењето од лекувањето и внесот на инхибитори на протонска пумпа (гастропротекторни лекови што го блокираат лачењето киселина во желудникот).
Натаму, истражувачите откриле траги од коронавирусот во тенкото црево дури и шест месеци по инфекцијата.
И во друго неодамнешно научно истражување, објавено во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ (Nature Communications), откриено е дека луѓето со Ковид-19 се изложени на зголемена опасност од развој на стомачни нарушувања како што се проблеми со црниот дроб, акутен панкреатитис, синдром на нервозно дебело црево, рефлукс на киселина и чир, во рок од една година по инфекцијата, во споредба со луѓето кои не биле заразени.
МИА