„Огнените“ ги исмееја напорите на „Артан и Бујар“, пред вечерашниот митинг на ДУИ во Чаир. Пратеникот и некогашен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, се појави на промоција на мега парк и во друштво на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, одговараше на новинарските прашања. Меџити смета дека Али Ахмети требало да ги пушти сами да го организираат митингот Артан Груби и Бујар Османи, за кого рече дека веќе не знае каде да се сврти од обврски – од претседавач со ОБСЕ, билатералните односи со Бугарија, од партиските обврски како портпарол и координатор до докторската работа, која ја врши. За вечерашниот митинг обвини дека „Артанистите“ носат луѓе од естрадата и членови од „Струга до Липково“.
-Сега слушаме после таа кампањата во Скопје, на митингот во Чаир гледам носат звучни имиња од естрадата, како Илир Шакири… Ќе биде концерт на некој начин. Ќе носат луѓе од Струга до Куманово, Липково… Прават многу притисоци, со списоци во администрацијата, со закани дека ќе им сменат работни места, сето тоа. Жално е да се види ДУИ како го подготвуваат тоа за еден месец, што ние го направивме за два дена во Чаир. Мислам дека ова ќе биде и порака до Ахмети и добро ќе беше да ги оставеше само Артан и Бујар да видат која им е тежината во Чаир, во нивната општина. Но, ова е ситуацијата, Мислам дека ова ќе биде порака до какво дереџе е ДУИ, изјави Меџити.
Еден од најжестоките противници на политиката и местото во партијата на Груби и Османи, рече дека ниту се поканети на митингот, ниту ќе присуствуваат, но рече дека со митингот се занимавал премиерот Ковачевски, односно цела влада.
-Ова доста кажува. Не сме поканети и нема да присуствуваме. Бујар (Османи) прво не знае со што да се занимава – дали со ОБСЕ, дали со билатералните односи со Бугарија, портпарол, доктор и со тоа се занимава. Човекот е изгубен, не знае каде што поправи, а сега и последното – координатор на митинг. Сметам дека државата има други приоритети. Од позиција на министер за надворешни работи да оди по маала… Не е приоритет на функцијата што ја врши, критикуваше Меџити.
Пред новинарите Меџити ги коментираше анкетите и нивната растечка популарност, која очекува да биде уште поголема, бидејќи како што рече „тие го слушаат гласот на народот“, а ќе им се приклучат и тие што се плашат.
-Ние од Артановци не се плашиме, ние сме ДУИ, рече градоначалникот Ганиу, кој соопшти дека позитивно одговорил на барањето на ДУИ за салата за одржување на митингот и го отстапиле општинскиот паркинг за вечерва.
ДУИ вечерва во Чаир организира средба со членството, на митинг што го најавуваше неколку дена. Претходно, иста ваква средба одржа тнр. „Огнена група“ – фракција од ДУИ.