Жител на Општина Кочани, вчера додека го кроел своето лозје пронашол човечки остатоци. Пријавил во полиција, по што извршен е увид, соопшти СВР Штип.
-На 19.03.2023 во 11.15 часот во ОВР Кочани било пријавено дека во нива на место викано „Кочански дол“, атар на Кочани, биле пронајдени човечки коски, облека и обувки. За настанот бил известен Јавен обвинител, а увид на местото извршила екипа од ОВР Кочани. По наредба на Јавен обвинител пронајденото било дадено на вештачење, информираат од полицијата.
Местото каде се пронајдени остатоците, е во делот меѓу Кочани и населбата Оризари. Полицијата не соопштува дали се работи за човек кој е починат од поодамна или од поново време, но како што објаснуваат вештачењето ќе ги даде одговорите.
Секако, едно од прашањата е дали можеби се работи за еден од речиси десетината исчезнати, кои се водат во евиденцијата на исчезнати на МВР. На оваа листа има луѓе, мажи и жени, кои се пријавени за исчезната од нивните семејства од 2011 година, па се до пред е неполна година.
Од СВР соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.