Вчера во Скопје Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал лишeни се од слобода пет лица, и тоа Д.Т.(25), Е.М.(35), Ж.П(46), С.Ч.З. ( 38), Б.Ф (44), сите од Скопје, информира МВР.
– Извршени се претреси на седум локации во Скопје и при тоа била откриена лабораторија за производство на амфетамин, како и дрога со вредност од околу половина милион евра, доколку била продадена преку уличните дилери. Пронајдени се синтетичка дрога амфетамин во количина од околу седум килограми, еден килограм кокаин, околу 22 килограми марихуана, околу 3000 таблети екстази, автоматска пушка „калашников“, 667 куршуми различен калибар, рамка за автоматска пушка, две рамки за пиштол, повеќе дигитални ваги со остатоци од амфетамин, опрема за производство на синтетичка дрога амфетамин, калапи за амфетамин, поголема количина на течност за производство на синтетичка амфетамин, евиденции, тетратки и листови со прибелешки за должници односно лица кои купувале дрога, пари за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога и четири патнички возила, велат од МВР.
Според МВР, претходно, во текот на јануари, февруари и март оваа година, по наредба на Јавен обвинител од ОЈО Скопје, беше спроведено криминалистичко истражување насочено кон лица улични дилери, кои вршат продажба на синтетичка дрога амфетамин и на марихуана од Скопје при што веќе беа лишени од слобода три лица Д.Т ( 33) , Д.М ( 37) и Ј. С ( 41) сите од Скопје кои набавувале синтетички дроги и кои се веќе кривично процесуирани.
-Приведените лица подолго време биле инволвирани во улична продажба на синтетичка дрога амфетамин на подрачјето на Скопје за што изнајмиле повеќе станови во центарот на Скопје, како и во населбата Ѓорче Петров, кои ги користеле како депо за чување, производство и пакување на синтетички дроги и во нив преземале мерки на заштита со инсталирање на видео надзори. Дрогата ја продавале по 2.000 денари за грам амфетамин, 3.000 денари за грам кокаин, 600 денари за таблета екстази, а пакување марихуана за 1.000 денари. СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје денеска ќе биде поднесе кривична пријава за извршено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. Вакви активности полицијата спроведува и во другите градови од државата. Од почетокот на оваа недела извршени се 36 претреси, приведени се 32 лица, при што запленет е амфетамин, екстази, марихуана и други видови дрога, информираат од МВР.
Министерството за внатрешни работи и во наредниот период ќе продолжи со преземање на засилени мерки и активности во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични и синтетички дроги со цел заштита на граѓаните. Овие дроги претставуваат голема опасност по здравјето на луѓето и сузбивањето на ваквата појава е еден од приоритетите на МВР.
Во врска со оваа акција се огласи и градоначалникот на Општина Аеродром , Тимчо Муцунски, кој преку својот Фејсбук профил откри дека меѓу уапсените е и учителка во ОУ „Александар Македонски“.
-Утрово примив информација дека поради постоење основани сомневања за сторено кривично дело, припадниците на Министерството за внатрешни работи привеле наставник кој подолг временски период работи во основното училиште „Александар Македонски“. Како градоначалник, родител и универзитетски работник, но и како човек кој преку активностите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, директно е поврзан со правото и е дел од образовниот процес цврсто стојам на ставот дека наша обврска е да дадеме се од себе за на децата да им овозможиме училишните денови да ги поминуваат во здрава средина. Процесот на социјализација и едукација на дечињата не смее да се поврзува или да биде обременет со било каква нелегална активност која е во спротивност со законот, напиша Муцунски и додаде:
-Наша обврска е како институции да овозможиме квалитетен образовен процес во кој ќе ги надминеме сите пречки и недостатоци. Инсистирам случајот да биде расчистен во целост и во таа насока потенцирам дека основното училиште и Општина Аеродром веќе соработуваат со надлежните институции за спроведување на законот. Аеродром е општина која инвестира во образовниот процес, а децата, нивниот развој и нивното образование се во фокусот на нашата работа. Токму поради ова, неопходно е секое прекршување на законот соодветно да биде санкционирано, рече Муцунски.