Високите европски гости денеска во Скопје одговараа на новинарски прашања за најголемите загрижености во пристапот кон Европската унија. Главните прашања беа дали Македонија има шанси да влезе во ЕУ до 2030 година и околу уставните измени во внесувањето на Бугарите во Уставот, на што се противи опозициската ВМРО ДПМНЕ.
Според еврокомесарот Оливер Вархеји, 2030 година е сосема реален датум за влез на Македонија во ЕУ.
-Секогаш сум оптимист за членството на Северна Македонија во ЕУ. Да, апсолутно сум оптимист. Може да биде и порано од 2030 година, зависи од испораката од вас, одговори Вархеји.
За натамошниот тек на процесот потребни се уставни измени и условот Бугарите во Македонија да се внесат во Уставот. За ова треба двотретинско мнозинство, што не е можно беа опозициската ВМРО ДПМНЕ, која се противи на тоа. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел беше прашан дали ќе ја поттикне опозициската партија да даде согласност на процесот.
-Како и Оливер (Вархеји н.з.) не сум само оптимистичен, туку сум и активистичен. Мораме да работиме за нештата да се случат. Северна Македонија се обврза дека ке го измени својот Устав, и очекуваме дека ќе го измени и во него да ги вклучи граѓаните кои живеат во границите на државата, а кои се дел од други националности, како што се Бугарите. Тука ништо не чудно, одговори Борел.
Како пример го истакна Уставот на најмладата членка на ЕУ – Хрватска.
-Хрватска има најмалку 22 заедници кои живеат во државата. А мислам вашата држава дава одличен пример на мултиетничка држава. Поради тоа, измената на Уставот само понатаму ќе ги унапреди нивните права. И не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет и истовремено ќе се напредне процесот на пристапување. Вие не си го загрозувате вашиот идентитет со пристап кон ЕУ. Вашиот идентитет ќе биде апсолутно зачуван. Бидејќи, луѓето имаат неколку идентитети. Нема да бидете помалку од тоа што сте, само ќе станете членка на ЕУ. Мислам дека многу важно е да се нагласи дека до сега сте работеле на процесот на пристапување за натамошен напредок и е неопходно да се извршат преземените обврски. Јасно е, одговори Борел.