Борбата со карциномот е универзална. Таа не познава граници или јазични бариери, сите сме ние исто во нашата истрајност да го победиме ракот. Затоа е важно да зборуваме oтворено и да се поддржуваме – вели Ана Дорник (38) која во 2020 година беше дијагностицирана со карцином на дојка.
Ана е од Белград, но нејзината смела борба е инспирација и мотивација за жените од целиот Балкан. Преку јавното говорење и автобиографската книга „Ти си та“ (Ти си таа), оваа млада жена докажува дека силната волја ги поместува границите на издржливоста. Книгата наскоро ќе може да се најде и во рацете на македонската публика. Ана доаѓа на промоција во Скопје на 29-ти март, а во пресрет на настанот таа за ММС ја раскажа својата животна приказна.
„За себе сакам да кажам дека сум едната од осум жени која во текот на својот живот ќе заболи од рак на дојка. Ана е мајка на две момчиња која покрај улогата на мајка ја доби улогата онколошки пациент. Жена пред која е ставена борбата со ракот на дојка, долга борба од девет месеци“, ја почнува Ана својата приказна.
Вели дека годините не ѝ значат ништо, затоа што се труди секој ден од својот живот да ги исполни со добри работи. Дијагнозата за болеста ја добила во 2020-та година и тоа во октомври, месецот кој секогаш поминува во знакот на розовите кампањи кои имаат за цел да ја зголемат свеста за карциномот на дојка.
„Еден месец подоцна следуваше радикална мастектомија на дојката (отстранување на целата десна дојка) поради инвазивноста на карциномот. Еден месец подоцна почнаа и хемотерапиите“, раскажува Дорник за ММС.
Моќта на жената преточена на 147 страници
Книгата „Ти си таа“ е нејзин личен придонес кон поттикнување на жените почесто да прават самопрегледи и прегледи, но и кон охрабрување на оние кои исто така се соочиле со болеста. За пишувањето често се вели дека е фактор за подобро ментално здравје, оттука ја прашавме Ана како пишувањето влијаело на неа и какво значење имало за неа тоа што ги ставила своите мисли и чувства на хартија:
-Книгата „Ти си таа“ е живот на 147 страници. Страниците се исполнети со низа позитивни мисли според кои се водев и на крај, ја добив битката со ракот на дојка. Посакувам никогаш да не ги заборавам лекциите кои ми ги дава животот, а некако со оглед на тоа дека живееме многу бргу, тие лекции ги забораваме и продолжуваме по старо. Токму поради тоа, целата болка и целото патење, радост и среќа, ги преточив во книга која за девет месеци достигна тираж од 5000 примероци – нагласува Ана.
„Книгата е донирана ширум Србија и регионот на одделенијата за онкологија како психолошки водич на жените кои ја поминуваат борбата за рак на дојка. Книгата не ја опишува само мојата борба туку и животот пред, во текот на, но и по борбата. Ја опишува моќта на жената и силата на волјата ако ние се одлучиме на тоа“, вели Ана.
Според неа, пишувањето е навистина лековито. Смета дека тоа е еден од најдобрите начини да се исфрлат сите стравови и сомнежи.
„Не беше лесно да почнам со пишување на книгата, токму поради тоа што тоа бараше многу посветеност и повторно преживување на целиот живот така што емоциите се чувствуваат во секој испишан ред во оваа книга. Мислам дека успеав во тоа“, самоуверено вели таа.
Ана потенцира дека со купувањето на книгата им се помага на жените кои поминуваат низ карциномот на дојка бидејќи дел од парите се одвојуваат за нив.
„Досега го обиколив поголемиот дел на Србија, но бев и во Подгорица, Бања Лука, Мостар и Сараево. Горда сум на големата акција која следи токму од купувањето на книгата – реновирање на одделенијата за онкологија. Жените се воодушевени бидејќи на сите нас ни недостига емпатија. Луѓето се уморни од тоа да се преправаме дека сме добро, дека сме недопирливи или дека не можеме да се скршиме. На промоцијата на мојата книга сите тие преубави емоции на кои забораваме, доаѓаат до израз“, споделува Ана.
Во пресрет на доаѓањето во нашиот главен град, таа порачува:
„Македонија може да очекува не само промоција на животот на која ќе зборува мојата душа, туку и мотивационо обраќање во кое ќе се трудам да ги потсетам присутните на вистинските вредности, на тоа да останат воодушевени од својот живот и на тоа дека за успех во животот потребна е само наша одлука и самодоверба за спроведување на одлуката“.
Вања Мицевска