„Жалам за стореното, се извинувам на семејството но и на јавноста за овој настан“ – беа зборовите на 28-годишниот возач Ангелче Николов, кој призна дека кога на пешачки премин во Велес ја прегазил Магдалена Иванова (11), возел под дејство на алкохол. Исто така, возел со брзина двојно поголема од дозволената. Николов, по прегазувањето на девојчето побегнал од местото. Нему му се суди за две кривични дела – „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „Не укажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.
Пресудата ќе биде изречена денеска напладне во Основниот суд во Велес.
Случајот од 17 декември, лани, е добро познат на јавноста. Магдалена беше прегазена, додека ја минувала фреквентната улица „Борис Трајковски“ во центарот на Велес заедно со нејзината мајка. Таткото, кој некоја секунда порано веќе бил на другата страна, со ужас го следел летањето на своето дете по ударот на возилото на Николов, кој брзо се оддалечил од местото.
Возачот Николов по два дена криење по велешките села, сам се пријави во полиција. Мајката на Магдалена, Емилија Иванова, исто така беше повредена и имаше две скршеници.
На судењето на Николов, обвинителката Славица Темелковски воведот од обвинението го почна со аудио снимка од шкрипење на гумите од автомобил. Темлковски посочи на уште еден момент, што се однесува на учеството на Ангелче Николов во сообраќајот, а тоа е дека имал забрана за управување со возило поради изречените казни.