Пандемијата со Ковид -19 ни беше поучна лекција, која за жал, не’ чинеше загубени човечки животи, но ги поттикна граѓаните преку приватно здравствено осигурување да си обезбедат подобри здравствени услуги.
Извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) го изнесе на површина податокот дека во 2022 година за дури 68 отсто пораснала продажбата на дополнителното (приватно) здравствено осигурување. Тоа е истовремено и најголем раст на вложувањата во неживотно осигурување . Податоците што ги доставиле осигурителните друштва до Агенцијата укажуваат дека ова останува да биде најпопуларна класа на доброволно осигурување која трета година по ред бележи најголем раст на продажба.
-Лани продажбата пораснала за 68 отсто, го продавале десет осигурителни компании, а од продажба на договори за здравствено осигурување инкасирале 679,6 милиони денари или 11 милиони евра, пишува во Извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Приватно здравствено осигурување купуваат граѓани, како поединци, но и компании, кои колективно ги осигуриле своите вработени, па покрај задолжителното државно здравствено осигурување, им обезбедиле и дополнително.
– Граѓаните најчесто бараат дополнително здравствено осигурување поради породување и затоа возрасната структура на нашите клиенти е од 25 до 40 години. Растот на интересот почна во 2019 година, веќе во 2020 се удвои и продолжи да расте. Покрај индивидуално, има и бројни компании кои дополнително ги осигуруваат своите вработени, објаснија од СН осигурителен брокер, која е една од десетте компании, кои работат со здравствено осигурување.
Според осигурителната компанија, интересот е врзан и со присуството на приватни болници и ординации и колку повеќе ги има во регионот каде живеат граѓаните, толку поголем е и интересот.
Најосновниот пакет е од 515 денари месечно, но има и со повисоки суми до 15.000, од што зависи и пакетот здравствени услуги кои ги добива осигуреникот. Интересно е дека повеќе странски компании, кои се од ИТ секторот, се меѓу тие кои најчесто на своите вработени им обезбедуваат дополнително здравствено осигурување, со пакет од 9000 денари и повеќе.
За подобра слика на вложувањата во приватно здравствено осигурување се податоците за последните три години, според кои во 2020 година се вложени 273,64 милиони денари; во 2021 година 405 милиони денари и во 2022 година 679,65 милиони денари.
Како што растеле вложувањата, така растеле и исплатени медицински трошоци. Во 2020 година се исплатени 106 милиони денари, за во 2020 година да пораснат двојно и изнесуваат 223 милиони денари. Пораст за 200 милиони платени медицински трошоци или 425,9 милиони денари АСО забележува во 2022 година.
Растот е евидентен и според бројот на склучени договори за приватно здравствено осигурување. Ако во 2020 година тој број изнесувал 10.706, веќе во 2022 година е повеќе од двојно зголемен и изнесува 25.555.