Предлог законот за амнестија, чие усвојување може да значи слобода за актерите од упадот во Собранието, денеска влегува во собраниска расправа. Група пратеници од ВМРО ДПМНЕ го поднесоа Предлог-законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за настаните во Собранието на РМ од 27 април 2017 година.
Предлог-законот во членот 1 пропишува дека со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор.
Очекувано, расправата во Собранието на ТВ екраните со внимание ќе ја следат 16 осудени лица, кои по жалбата добија вкупно 188 години затвор. Највисока казна за делото „Терористичко загрозување на државниот поредок” му беше изречена на тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, кому Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор.
Осудените се на издржување на затворската казна во затворите во Штип и Прилеп. Во Штип од почетокот на издржување на казната во 2018 година се наоѓаат екс-началникот Митко Чавков, Јане Ченто, Оливер Поповски, екс шеф во полиција, Горанчо Ангеловски – Ќосето, Никола Митревски-Кољо , Игор Југ и други. Во штипскиот затвор се вкупно 16 осудени, од кои шест се за напад на тогашниот пратеник Зијадин Села.
Според информациите од КПД Затвор – Штип, сите затвореници имаат можност да следат телевизија и слушаат радио, бидејќи во секоја затворска ќелија има ТВ приемник.
– Дел се инвентар на затворот, дел ги имаат купено затворениците. Имаат право да поднесат барање да внесат телевизор во ќелијата и тоа им се овозможува. Имаат и ДВД плеер, МП3, радио…, изјави Мики Тодоров, директор на затворот.
Овие затвореници како и сите други имаат можност за користење на слободен викенд, годишен одмор од 20 дена, ако се работно ангажирани, излез од седум часа и други што им следува по закон.
По настаните од 27 април 2017 година во македонското Собрание, кога полицијата не успеа да го спречи упадот на насобраните демонстранти, на 22 август 2018 година започна судскиот процес, првично против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“.
В.К.