По неколкуте соопштенија кои до медиумите ги испратија адвокатите на Бојан Јовановски (Боки 13), денеска се огласија и неговите родители, кои истакнуваат дека се сериозно загрижени за неговата здравствена состојба.
„Како граѓани на оваа држава во најблага форма кажано, се чувствуваме згрозени и огорчени од организираната тортура и линч кои му се случуваат на Бојан целиот овој период, на него лично, а и на целото наше семејство како рефлексија од омразата, нечовечноста и антагонизмот кон Бојан“, велат Јасминка и Миле Јовановски во нивното писмено обраќање.
„Сум била воздржана, но повеќе самата актуелна состојба со животот и здравјето на Бојан тоа не ми го дозволуваат, бидејќи врз него ќе биде извршена операција тотална гастректомија, односно целосно отстранување на витален орган желудник, со што ќе настапи траен инвалидитет на мојот син Бојан. Од тие причини со целиот мој морален и професионален дигнитет ѝ се обраќам на јавноста преку ова јавно соопштение и немам за цел да предизвикам чувство на сожалување, туку единствено да порачам дека од овој момент преку сите законски инструменти предвидени со домашното и меѓународното законодавство ќе се борам заедно со мојот сопруг преку нашите правни полномошници против злото и неправдата која му е сторена на Бојан и на тој начин директно му е загрозен неговиот живот“, вели Јасминка, мајката на Бојан.
Таа наведува дека животот на нејзиниот син е донесен до крајна црвена линија и согласно последните медицински наоди и извештаи, операцијата која ќе се изврши е неизбежна и е со висок ризик по неговиот живот.
„Се работи за операција со неизвесен исход после која операција повторувам дека Бојан ќе има траен инвалидитет. Па оттука, заради сето ова сите инволвирани лица кои системски, свесно со сторување и несторување здружено и со намера му го сторија ова неправо на Бојан ќе мораат да понесат кривична одговорност и да бидат најстрого санкционирани. За ова изживување, малтретирање и тортура кон Бојан одговорност мора да има“, реагира Јасминка.
-Поради сето погоренаведено, поради организирано и здружено делување и соизвршување од безобѕирна одмазда, користољубие и по нарачка, под сомнение за сторени повеќе кривични дела ќе бидат поднесени кривични пријави за лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници кои заеднички, здружено, свесно и со намера, секое од пријавените лица со одделни и поврзани дејствија на сторување, ги сториле делата за кои ќе биде иницирана кривична постапка од нас, како подносители, родителите на Бојан Јовановски, Јасминка и Миле Јовановски пред надлежното јавно обвинителство. Пред надлежен јавен обвинител ќе бидат образложени сите наводи и кривичните пријави ќе бидат поткрепени со цврсти докази – посочува Јасминка.
„Нашата борба ќе биде до крај, се до конечна правда, за која правда сум се борела и работела цел работен век во областа на правото, без ниедна морална и професионална дамка со целиот мој изграден морален и професионален интегритет“, заклучува таа во писменото обраќање во кое е приложен и последниот специјалистички извештај со кој Бојан се упатува на оперативен зафат тотална гастректомија, односно целосно отстранување на витален орган желудник.