Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се отвора пазарот за нови даватели на платежни услуги и се прошируваат услугите што ќе се нудат. Она што е многу битно, велат надлежните е дека измените се проследени и со соодветни регулативи за заштита на потрошувачите.
Законот наметнува поголема транспарентност на давателите на услугите и обезбедува подобра информираност, правна сигурност и еднаков третман на потрошувачите кај давателите на платежните услуги.
„Народната банка издаде листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги и ќе ги објавува на својата интернет-страница во компаративен контекст. Првото објавување на надоместоците на интернет-страницата на Народната банка е предвидено за крајот на септември оваа година. На овој начин граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците“, образложува гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежовска.
Најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка
1.Одржување на платежна сметка | Давателот на платежни услуги одржува платежна сметка за потрошувачот со цел да му овозможи нејзино користење. |
2.Онлајн користење услуги поврзани со платежна сметка | Давателот на платежни услуги му овозможува на потрошувачот користење на услугите поврзани со платежната сметка преку интернет, или со мобилна апликација. |
3. Кредитен трансфер во денари во земјата | Потрошувачот дава инструкција на давателот на платежни услуги кој ја одржува неговата платежна сметка да изврши пренос на парични средства од неговата платежна сметка во корист на друга сметка, во денари. |
4.Кредитен трансфер во евра во странство | Потрошувачот дава инструкција на давателот на платежни услуги кој ја одржува неговата платежна сметка да изврши пренос на парични средства од неговата платежна сметка во корист на друга сметка во странство, во евра. |
5. Кредитен трансфер во валута различна од евро во странство | Потрошувачот дава инструкција на давателот на платежни услуги кој ја одржува неговата платежна сметка да изврши пренос на парични средства од неговата платежна сметка во корист на друга сметка во странство, во валута различна од евро. |
6.Прилив од странство | Давателот на платежни услуги прима парични средства со кредитен трансфер од странство, со цел соодветниот износ на парични средства да се пренесе и да му се стави на располагање на потрошувачот. |
7. Траен налог | Давателот на платежни услуги, во согласност со инструкција на потрошувачот, извршува редовни кредитни трансфери на фиксни / определиви износи на парични средства од платежната сметка на потрошувачот во корист на друга сметка. |
8. Издавање дебитна картичка | Давателот на платежните услуги издава платежна картичка која е поврзана со платежната сметка на потрошувачот. За износот на секоја платежна трансакција направена со употреба на дебитната картичка, директно и во целост се намалува состојбата на расположливите парични средства на платежната сметка на потрошувачот, во кои е вклучено дозволеното пречекорување. |
9.Издавање кредитна картичка | Давателот на платежните услуги издава платежна картичка која е поврзана со платежната сметка на потрошувачот. Вкупниот износ на трансакциите извршени со оваа картичка на договорениот датум во целост или делумно се задолжува од платежната сметка на потрошувачот. Давателот на платежните услуги може да пресмета и да наплати камата за искористениот износ, во согласност со договорот за издавање и употреба на кредитна картичка склучен со потрошувачот. |
10.Повлекување готовина | Потрошувачот подигнува готовина од неговата платежна сметка. |
11.Дозволено пречекорување | Врз основа на договорот за дозволено пречекорување, давателот на платежните услуги на платежната сметка на потрошувачот го става на располагање договорениот износ на средства што може да го користи потрошувачот кога на платежната сметка нема веќе сопствени парични средства. Во договорот за дозволено пречекорување се одредуваат максималниот износ на парични средства коишто може да ги позајми потрошувачот, како и надоместоците и каматите, доколку ги наплатува давателот на платежните услуги. |
Законот за платежни системи и услуги предвидува доколку граѓанинот ја загуби или му е украдена платежната картичка, при што со неа се извршени трансакции коишто не ги авторизирал тој, законски се ограничува износот до кој граѓанинот може да ги покрие загубите и тој изнесува најмногу 1.200 денари.
Надлежните апелираат граѓаните да ги преземе сите разумни мерки за да го заштити пинот на картичката. На пример, ако пинот и платежната картичка се чуваат на исто место во паричникот и тој е украден, тогаш настанатата штета или загуба од сите овие неавторизирани трансакции, целосно ја покрива граѓанинот. Исто така, веднаш треба да го извести давателот на услуги, штом добие сознание дека му е изгубена или украдена платежната картичка
Со новата правна рамка во платежната сфера, заради заштита на потрошувачите, детално се уредуваат и обврските на давателите на платежни услуги, поточно кои информации треба да им ги дадат на граѓаните пред склучување рамковен договор за користење платежни услуги и во тој контекст во рамковниот договор се опфаќаат и релевантните информации и услови за издавање и користење платежни картички, предвидува новиот закон за платежни системи и платежни услуги.
Весна Крстева