Црногорскиот музичар, Рамбо Амадеус наиде на осуда од јавноста поради сексуалното вознемирување на продуцентката Лејла Кашиќ, но и поради неуспешниот обид да ја оправда својата постапка.
Кашиќ преку својот Инстаграм профил обвини дека Рамбо непримерно ја допирал по снимањето на емисијата „Дневница“ по што тој се огласи со бизарно објаснување обидувајќи се да ја оправда својата постапка.
„Цел ден бев саркастичен поради фактот дека така брзоплето паднав во нешто што нема никаква врска со мојот сензибилитет и уверенија. Пред сè поради моето противење да го снимаме јавно семејството на кое му се помага и со тоа е стигматизирано во јавноста. Тоа ми делуваше ужасно сурово, не можев да сфатам дека некому тоа му е „кул“ и дека мисли дека со тоа прави добро дело. Не ни забележав дека семејството на кое му се помага е изложено во медиумите. Се противев гласно пред снимателската екипа, но бидејќи целата локална заедница веќе се радуваше што учествувам во таа добротворна акција, јас бев ставен пред свршен чин“, напиша музичарот.
„Требаше да се издржи секоја корекција на продуцентката во врска со секоја моја реченица за било што. Поради лажен морал и инсистирање на тоа како таа работа е не знам колку хумана, а всушност социјално загрозени луѓе се изложуваат во медиумите поради нејзина лична промоција“, се пожали Рамбо на својот Фејсбук профил.
Сето она кое тој бил „принуден“ да го трпи, а на што претходно се согласил, кулминираше откако продуцентката на споменатата емисија го обвини за сексуално вознемирување.
-Додека се приближувавме кон куќата на социјално загрозеното семејство, сосема непланирано ја допрев дотичната госпоѓица или сум ја „плеснал“ или штипнал по задникот, сега немам поим. Тоа нема никаква врска со секс, барем не од моја страна. Несреќно артикулиран квази-другарски аларм. Сексистички можеби, сексуален не – напиша музичарот.
Во меѓувреме, медиумите од регионот пишуваат дека музичарот во својата борба против „наводното лицемерие на медиумот“ кој ја продуцира споменатата емисија, заборавил дека во минатото веќе бил дел од сличен проект. Имено, Рамбо Амадеус пред неколку години ги компонираше сите воведни шпици за популарната емисија од хуманитарн карактер „Со Тамара во акција“, која има за цел реновирање на домовите на социјално загрозени семејства, баш како и споменатата „Дневница“.